1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје расте на штета на граѓаните

Владимир Калински6 март 2013

Македонскиот главен град нуди незадоволителен квалитет на живот, велат експертите. Се гради на штета на зеленилото и јавните површини, а граѓаните и јавноста не се вклучени во донесувањето на одлуките

https://p.dw.com/p/17r8x
Фотографија: DW

Градежниот бум што му се случи на главниот град со изградбата на голем број станбени, деловни и административни згради, резултира со проблеми како ште се намалување на зелените површини и јавниот простор. Тимот на невладината „Реактор“, составен од архитекти и експерти за урбан развој, го изработи проект „Скопје расте“, поради општото незадоволство од квалитетот на живот што Скопје им го нуди на своите граѓани.

Истражувањето ги третира градските четврти Дебар Маало и Буњаковец, кои се најмногу погодени од зголемувањето на стамбената структура. Резултатите покажуваат дека во 1990 година на нив имало 21,6% зелени површини, а моментално 13,9%. До 2020-та се предвидува дека ќе останат само 4,5 проценти зелена површина. Главен истражувач во проектот е архитектот Ристо Аврамовски:

„Во урбаниот опфат Дебар Маало и Буњаковец има очигледно намалување на процентот на зеленило и слободните простори во рамките на урбаните парцели кои припаѓаат на самите објекти во временскиот период од 1991 до 2012 година. Ако се земе предвид фактот дека изградената структура во овие градски четврти ќе го достигне својот максимален предвиден капацитет во наредните неколку години, можеме со сигурност да кажеме дека плановите што следат нема драстично да влијаат на карактерот на градскиот пејсаж.“

Standbild Evropanorama
Фотографија: DW

Аврамовски за Дојче веле коментира за тоа какви алтернативи нудат урбанистичките планови и како се справуваат со ваквите проблеми: „Можеме да зборуваме за одредени тенденции и процеси, но не и за кохерентна стратегија која го структуирала менувањето на урбаното ткиво, па оттаму импотентноста на ДУП-овите вистински да ја контролираат густината на изградениот простор. Постоењето на алтернативи и справувањето со овој проблем е на самите маргини на приоритетите, бидејќи е невозможно физички да се интервенира во оваа секвенца на процесот на урбана трансформација.“   

Личните пред јавните интереси

Новиот ГУП на територијата на Скопје предвидува 12,87 проценти зелени површини. Во Законот за просторно и урбанистичко планирање повеќе членови предвидуваат заштита на животната средина. Дали Деталните и Генералните урбанистички планови се во согласност со законската регулатива? Аврамовски вели дека во текот на целиот процес на трансформација, легислативата и нејзината имплементација биле доволно совитливи за да ја поддржат ваквата агресивна промена:

„Најголемиот проблем е тоа што максималните станбени капацитети кои требаше да се достигнат беа преголем залак за постоечката инфраструктура и спремноста на локалните власти да се справуваат со имплементацијата на новите правила на терен. Бидејќи се работи за процес на системско разградување на старите правила на игра, кои ги наследивме од претходниот систем, би било наивно доколку прстот го посочиме исклучиво кон планерите и постоечките ДУП-ови и ГУП-ови. Општините, инвеститорите и сопствениците на парцелите ја одиграа најголемата улога во активирање на „моделот за раст“, термин кој ние го користевме во студијата. Градот Скопје, а особено овој негов дел, се сведоци за тоа како политиката на планирање на градовите се трансформираше од ригидна, централизирана стратегија на следење на една визија за градот, во жив систем во кој приватниот капитал, пазарната логика и индивидуалниот интерес се на врвот на приоритетите, на сметка на јавниот домен. Во тој контекст, сметам дека обидите за заштита на животната средина и нејзино унапредување се декларативно изјавување на воља за решавање на сложените проблеми со реторика која упатува на немање план со конкретни мерки за решавање на проблемот“, вели Аврамовски. 

Skopje 2014 Theater
Фотографија: DW

Јавноста не е вклучена во донесувањето на одлуките

Во последните седум години Уставниот суд поништи вкупно 20 детални урбанистички планови. Голем дел од нив се поради неспроведување на јавна расправа вели Неда Коруновска од „Реактор“: Ги анализиравме одлуките на уставниот суд и забележавме дека голем дел од нив се поради невклучување на граѓаните во процесот. Тоа укажува на непостоње на институционална култура за вистинско вклучување на граѓаните во процес кој директно ги засега нив.“ 

Зелените површини ги смируваат граѓаните

Просекот на зеленило во европските градови по глава на жител е 16 метри квадратни, додека во Скопје се планира во иднина да се достигне до 8 метри квадратни, вели Никола Нешкоски – инженер за животна средина. Тој истакнува дека зеленилото е многу важно за продукција на кислород, „заробување“ на јаглерод диоксид и спречување на бучавата.

Unkonventioneller Stadtgarten (4311)
Фотографија: DW/Axel Warnstedt

„Зголемувањето на станбениот простор во Скопје го блокира протокот на воздух. Исто така се јавуваат проблеми како зголемен број на жители во Скопје и зголемен број на возила кои често се наоѓаат на пешачките патеки. Многу е важно да се зголемуваат зелените површини бидејќи влијаат на психолошкиот развој на луѓето, ги смируваат и ги прават попродуктивни, за разлика од бетонската џунгла околу нас“, заклучува Нешкоски.