1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Атина имаат прилика да покажат европски дух

26 ноември 2009

Пред средбата меѓу премиерите на Македонија и Грција, Никола Груевски и Јоргос Папандреу во грчка Преспа, во Европскиот парламент се дебатираше за политиката на проширување на Европската унија.

https://p.dw.com/p/Kgfh
Фотографија: EU

За Македонија пристигнаа низа охрабрувачки пораки. Еврокомесарот Оли Рен пред членовите на Европарламентот повтори колку е важно препораката за старт на преговори, дадена минатиот месец, да биде вистински поттик за решавање на спорот за името. Во Брисел се уверени дека Скопје ја прими и разбра пораката.

Надеж дека постои политичка волја за напредок по прашањето за името

Со максимално позитивен и охрабрувачки тон вчера еврокомесарот Рен ги повика двете страни да му стават крај на прашањето со името. Неговиот портпарол, Амадео Алтафаж, го коментира вчерашното обраќање на Оли Рен: „Комесарот Рен не зема учество во овој процес, но сепак тој јасно кажа дека има јасна прилика и за Атина и за Скопје. За Скопје затоа што охрабрувањето по препораката на ЕК е јасно, како и поттикот за отворање на преговорите. И за Атина исто така, бидејќи таму имаше политичка промена. И секоја промена е основа за нови дискусии. Се надеваме дека има политичка волја од двете страни за напредок. Видовме дека перспективата на проширување била инструмент во други билатерални прашања, како во случајот на Хрватска и Словенија. ПЈРМ докажа дека е многу ефективна во решавањето на сите билатерални прашања со своите соседи. Таа е единствената држава во регионот која нема повеќе билатерални спорови, освен проблемот со името, така што навистина се надеваме дека оваа заложба што ја покажува владата во Скопје во многу други области ќе се рефлектира и во овој случај, бидејќи во овој момент има вистинска прилика“, вели Амадео Алтафаж, портпарол на Оли Рен.

Клучен збор во спорот е компромис

Брисел сега внимателно го прати секој чекор на Скопје и на Атина, во пресрет на Министерскиот совет на 7-ми декември, каде Македонија може да ја добие историската одлука за почеток на претпристапните преговори со ЕУ.

Од средбата Груевски-Папандреу, која ќе се одржи утре (27.11.09), Брисел се надева на позитивен исход, односно приблжување на ставовите помеѓу двете страни, какво и да е. Дали ќе биде тоа компромис за новото име, договор за договор, со што на следниот Минситерски совет во март би можел да се одреди датум за преговори. Важно е, велат во Брисел, Атина и Скопје да најдат заеднички јазик, да создадат клима на меѓусебна доверба и да ги почитуваат дадените ветувања. Брисел не сака изнуден или наметнат компромис. Клучниот збор во овој спор е компромисот, велат дипломатите во ЕУ.

Најлошото сценарио в петок би било премиерите да дојдат до заклучок дека нема никаков простор за компромис и да останат на старите позиции. Брисел не сака повеќе ниедна од двете страни да се обидува да купува време, велат дипломатски извори во ЕУ.

Какви можат да бидат заклучоците на ЕУ?

Од тоа како ќе се одвива утрешната средба и односите помеѓу Грција и Македонија, ќе зависи и исходот од претстојниот Министерски состанок на ЕУ на 7-ми декември.

Малкумина веруваат дека за толку кус временски период е можен значаен исчекор во овој децениски спор. Поради тоа и малкумина очекуваат да биде одреден конкретен датум за отпочнување на преговорите со Македонија. Во тој случај, Европскиот совет би одлучил воопшто да не ја спомене Македонија во своите заклучоци на 7-ми декември, и со тоа воедно да ја поштеди Грција од уште едно вето, како во Букурешт.

Но, сепак останува надежта кај поддржувачите на проширувањето дека дури и да не се постигне решение за името во скоро време, заклучоците сепак ќе можат да содржат некоја реченица и за Македонија, со што би се испратил позитивен сигнал и до граѓаните на државата и до граѓаните на целиот регион, велат дипломатите во ЕУ. Но за тоа, најголемиот дел од одговорноста лежи првенствено кај владите во Скопје и во Атина кои утре имаат одлична прилика да покажат европски дух и консктруктивност.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска