1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопјани покажаа дека имаат кино-култура

18 ноември 2010

Денеска (18.11.2010) во Скопје завршува Фестивалот за европски филм, Синедејс. Неговото деветто издание може слободно да се оцени како едно од досега најуспешните.

https://p.dw.com/p/QCJf
Скопје, центарот на градотФотографија: DW

Идејата за популаризација на европскиот филм и враќање на публиката во кино салите, неделава даде резултат. Скопјани покажаа дека имаат традиција на кино-култура и знаат што е добар филм. На фестивалот се емитуваа дваесетина филмски премиери од 17 европски земји. Филмски ремек дела кандидати за Оскар, носители на награди од европските филмски фестивали се дел од проекциите во кината „Фросина“ и „Милениум“.

Врвни светски филмови во Скопје

Директорот на Младинскиот културен центар и киното „Милениум“, Златко Стефковски е задоволен од постигнатото:

„За прв пат се проширивме, одевме со мотото чувство на добар филм и сакаме да го фатиме чекорот. Воопшто немаме лажни амбиции и не пледираме да бидеме голем фестивал со голем буџет. Но имаме навистина голем куп на симпатични моменти како на пример што сме насекаде низ градот. Со голем број на музички документарни филмови и со ширењето кое се именува како Гала програма каде ги имаме буквално најголемите моменти, иако само дванаесетина филмови меѓу кои победникот на Сараевскиот филмски фестивал, канскиот победник, берлинскиот, имиња како Амарлик, веќе историскиот Годар, Вуди Ален, Рајко Грлич со неговото последно остварување“, вели Стефковски.

Autokino in North Ridgevill Ohio USA
Авто кино и наредната годинаФотографија: picture alliance / landov

Автокиното предизвика неочекувано голем интерес

Филмовите се прикажуваа во кината „Милениум“ и „Фросина“, како и на филмски платна на отворено пред Културно информативниот центар. Најинтересен момент годинава е што за прв пат се организира и автокино на паркингот на Средно Водно:

„ Да, по подолг период имаме автокино. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека воопшто не очекувавме ваков интерес. Се случува гледате, прекрасно е, сите се во своите автомобили. Ќе продолжиме и натаму и можам да ви ветам дека и догодина на десетото издание на фестивалот доколку бидам повторно на оваа позиција ќе има уште многу прекрасни изненадувања“.

Можност за уживање во филмот

Присутните на проекцијата на Средно Водно кои од своите автомобили уживаа во филмовите се задоволни од идејата:

„Прекрасно е, волшебно. Одлично е што една ваква иницијатива е покрената во Скопје и мислам дека треба и понатаму да постои, можеби не на ова место на Водно, но мислам дека му е потребно на Скопје“.

„ Супер идеја, забавно е нешто ново што во светот го има одамна и мислам дека е океј тука да го добиеме и тоа“, велат дел од граѓаните.

По Германскиот филмски фестивал и Браќа Манаки, Синедејс е трета филмска манифестација во последниов месец која на македонската публика и‘нуди можност да ужива во најновите светски филмски остварувања.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска