Скопјани и’ се враќаат на Старата чаршија
28 јуни 2009Се' започна со огномет од двете страни на Камениот мост, со кочија и жонглери кои ги повикуваа граѓаните да ги разоткријат подзаборавените агли на сопствениот град: Капан ан, Чифте амам, Сули ан, Безистенот. Исто така да слушнат стари скопски приказни додека дегустираат добра храна и вино, да видат театарски претстави и да проследат концерти на групите Љубојно, Фолтин, Суперхикс и Чалгија Саунд Систем.
Меѓународен проект
Организаторите од меѓународната менаџмент група, Томислав Стефановски и Лука Кортина за проектот на заживување на Старата скопска чаршија велат: „Ова е еден начин наново да ги откриваме убавините, коишто сме ги подзаборавиле малку. Културните споменици и музеите би требало да претставуваат основа за туристичка промоција на Македонија.“
„Старата чаршија е вистинско чудо во Скопје и во Македонија и на пошироко ниво, затоа што е најстарата чаршија на Балканот. Идејата беше да се сврти вниманието и луѓето да се вратат во чаршијата и да се врати вредноста на спомениците, на објектите, на местата на приказните што ги има во чаршијата.“
Поддршка од Италија
Проектот е финансиски подржан од Италијанската Влада. Роберто Рицо од Италијанската Амбасада во Македонија ни појаснува: „Манифестацијата е дел од поголем проект вреден 3 милиони евра, што нашата влада го поддржува во образованието и културата. Целта ни е народот да се врати во чаршијата, белегот и срцето на градот. Планираме да ги реновираме и старите културни знаменитости во чаршијата.“
Што велат занеатчиите?
Фимка Темова е сопственик на Винаријата Темов, која од декември минатата година работи во Старата чаршија.
„Ова е плус за нас, бидејќи ова е голема реклама за чаршијата, тоа е богатство на нашата држава. Моментално сите еснафи, што сме тука, сакаме да оживее оваа чаршија. Кога отворивме ние и други дуќани отворија во чаршијата и почна повторно да се враќа стариот дух во неа. А што е целта? Нашата цел е да му го приближиме виното на народот. А зошто е оваа локација на винаријата? Затоа што ова е срцето на Скопје“ – нагласува Фимка Темова.
Друга сопственичка на дуќан во чаршијата заклучува дека за заживување на Старата скопска чаршија треба да се вклучат сите одговорни во државата: „Јас мислам дека е одличен проектот и дека треба да има многу повеќе вакви проекти. Секаде во светот има металски и трговски центри, бетони и згради, ама немаат сите градови стара турска чаршија со голема традиција, како ние...“
Организаторите велат за оваа идеја да опстои во стварноста, манифестацијата ќе продолжи континуирано и понатаму.
Автор: Антоанела Димитриевска
Редактор. Горан Чутаноски