1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скепса по најавата за прекин на огнот во Сирија

Е.М.Фиданоска /афп/дпа/ртр3 април 2012

По една година насилства и девет илјади загинати, сирискиот властодржец Башар ал-Асад има намера да го замолчи оружјето. Прекинот на огнот кој треба да важи од 10 април, наиде на скепса.

https://p.dw.com/p/14WoQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најавата за прекин на огнот од страна на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад е пречекана со скепса во светот. Амбасадорите на Германија и на САД во ОН во Њујорк предупредија дека не треба да се има преголема еуфорија. Претходно, специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија, Кофи Анан, преку видео-конференција го информираше Советот за безбедност за состојбата и нагласи дека раководството во Дамаск се согласило со прекин на огнот кој треба да почне да важи од 10 април.

„Веќе сме чуле многу ветувања кои биле неисполнети“, изјави претседателката на Советот за безбедност, американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс. Германскиот амбасадор во ОН Мигуел Бергер изјави дека ветувањето на Дамаск е успех, но... „Со оглед на досегашните искуства, мора да се биде внимателен. Насилството се‘ уште трае.“

Режимот на Асад е под притисок. Еден ден по средбата на „пријателите на Сирија“ во Истанбул, Русија исто така бара од Дамаск да се држи до мировниот план на Анан и да го направи првиот чекор. „Доколку владините трупи не почнат со повлекување набргу, не верувам дека ќе има резултат“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Weltsicherheitsrat New York
Советот за безбедностФотографија: REUTERS

Западните дипломати сега сакаат да го одржат притисокот врз Сирија. Дипломати во Њујорк тврдат дека западните земји со право на вето во Советот за безбедност работат на нова изјава за Сирија. САД, Франција и Велика Британија работат на текст во кој 10 април е наведен како рок за прекин на огнот. Изјавата, која патем има помала дипломатска тежина од резолуција на Советот за безбедност, би можела да биде изгласана во четврток. Специјалниот пратеник Анан, покрај прекинот на огнот, бара во изјавата да биде ставено и дека за набљудување на преодниот политички процес во Сирија ќе биде задолжена набљудувачка мисија на ОН, се вели во Њујорк.