1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалозниот бискуп од Лимбург

Б. Георгиевски/дв/дпа/ртр11 октомври 2013

Бискупот Тебарц Фан Елст е обвинет дека лажел под заклетва при сведочење во суд. Тој веќе предизвика бура во јавноста откако беше откриено дека гради прескапа црковна резиденција.

https://p.dw.com/p/19xpv
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бискупот Тебарц Фан Елст од Лимбург веќе подолго предизвикува контроверзи во германската јавност откако беше откриено дека гради скапа црковна резиденција, но сега неговиот авторитет е дополнително нарушен. Бискупот од Лимбург вчера беше обвинет од обвинителството во Хамбург дека дал лажна изјава за патување во Индија. Бискупот тврдел дека во далечната азиска земја патувал со бизнис-класа, но подоцна се покажало дека користел услуги на првата класа.

Доколку биде прогласен за виновен ќе треба да плати парична казна, но тоа е, се чини, најмалиот проблем во моментов на контроверзниот верски лидер.

Тој веќе извесен период се наоѓа под голем притисок да поднесе оставка откако беше откриено дека за изградбата на нова црковна резиденција во неговата диоцеза во Хесен, наместо првично планираните 5,5 милиони евра, трошоците пораснале на 31 милион евра.

„Луѓето се изненадени од бројката, тоа го разбирам. Но во прашање се десет различни проекти и треба да се земат в предвид многу детали, како на пример законот за заштита на споменици“, се правдаше бискупот во интервју за германскиот весник „Билд“.

Bischofssitz Limburg Tebartz van Elst
Новата црковна резиденција во ЛимбургФотографија: picture-alliance/dpa

Проблемот пред Ватикан

Од друга страна, и претседавачот со германската бискупска конференција, Роберт Цолич изрази изненаденост од случувањата во Лимбург.

Тој веќе најави дека планира да го посети Ватикан и лично да го информира Папата Франциско за случувањата во диоцезата. Комисијата која ги истражува финансиските активности на бискупот е веќе формирана од страна на Цолич, а Ватикан минатиот месец испрати делегација која исто така требаше да го испита финансиското работење на бискупијата чие седиште е во близина на Франкфурт.

Реакцијата на Папата Франциско исто така се очекува со нетрпение, бидејќи таа треба да покаже до каде е тој подготвен да оди во промоцијата на скромноста и едноставноста во црквата, наспротив бројните сексуални скандали и проблематично финансиско работење.

Незадоволство во црквата

Во Германија, неколку католички групи веќе подолго време бараат оставка од бискупот од Лимбург. Според претставници на младинската католичка конференција, бискупот одамна ја преминал линијата на дозволеното.

Dirk Tänzler Bundesvorsitzender BDKJ
Дирк ТенцлерФотографија: BDKJ-Bundesstelle/Udo Geisler

„Моите колеги јасно порачуваат дека повеќе не можат да соработуваат со бискупот. Тужбата е само еден аспект, но сигурно не и единствениот“, вели претседавачот на конференцијата Дирк Тенцлер. Младинската конференција пред неколку недели преку отворено писмо порача дека со „актуелното раководство“ во Лимбург се губи авторитет меѓу верниците.

Германската католичка црква веќе подолго време има проблем да го зачува својот авторитет и се соочува со масовно заминување на верниците. Пред три години црквата беше погодена од голем сексуален скандал, по кој излегуваа на виделина и многу други проблематични аспекти во функционирањето на најголемата црква во државата.