1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите задоволни по големото дерби

Б.Георгиевски/сн/дв3 декември 2012

Дербито на досегашниот дел од сезоната во Бундеслигата се одигра во Минхен. Бајерн и Борусија ги поделија бодовите, по што и двата тима имаат причина за задоволство. Бајер Леверкузен се искачи на втората позиција.

https://p.dw.com/p/16ueT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лидерот на табелата Бајерн Минхен и актуелниот првак Борусија Дортмунд одиграа нерешено 1:1 во мечот на сезоната во Минхен. Дербито не донесе спектакуларен фудбал, а двата тима беа повеќе насочени кон запирање на играта на противникот. Во одлична атмосфера, Бајерн подобро го отвори мечот и имаше неколку полушанси за водство, додека Борусија се обидуваше да возврати со контри кои ретко завршуваа во противничкиот казнен простор. Резултатот беше отворен во вториот дел, откако Тони Крос по еден соло продор од работ на шестнаесетникот му донесе предност на Бајерн. Борусија израмни седум минути подоцна. По корнер, топката се одби до Марио Геце, кој од пеналтикот ја смести топката во мрежата. До крајот на мечот, Бајерн имаше уште две добри можности да ги обезбеди трите бода, но голманот на Борусија Вајденфелер беше на висина на задачата.

Со нерешениот исход, Бајерн ја задржа предноста од 11 бода пред Борусија, која сега падна на третата позиција. На второто место се искачи Бајер Леверкузен кој ја забележа четвртата победа едноподруго во дуелот со Нирнберг на домашен терен. Голот на Кислинг во првото полувреме беше доволен за трите бода со кои Бајер сега е на само осум бода разлика од Бајерн Минхен.

Четвртопласираниот Шалке продолжи со нестабилните игри и повторно не успеа да дојде до победата во дуелот против Борусија Менхенгладбах во Гелзенкирхен. Во конечните 1:1, бод за Шалке спаси Дракслер на пет минути пред крајот, откако Борусија дојде во предност преку Херман.

Франкфурт во губитничка серија

Екипата на Ајнтрахт Франкфурт која беше најпријатно изненадување во досегашниот тек од сезоната продолжува со „слободниот пад“ на табелата. Во петокот Ајнтрахт загуби на гостувањето кај Фортуна во Диселдорф со 4:0 и падна на 5. место на табелата. За Фортуна ова беше втора едноподруго победа пред домашната публика.

Мајнц на македонскиот репрезентативец Николче Новески одигра уште еден одличен натпревар и ја забележа втората победа во серија со која се искачи на 6. позиција. Мајнц победи против Хановер со 2:1, а победничкиот гол беше постигнат со играч помалку.

Fußball Bundesliga 15. Spieltag TSG 1899 Hoffenheim SV Werder Bremen
Маркус Бабел е пред отказ во ХофенхајмФотографија: picture-alliance/dpa

Гројтер Фирт загуби дома од Штутгарт со 0:1, по што падна на дното на табелата. Таму друштво му прави Аугсбург кој освои само бод во дуелот против Фрајбург.

Борбата за опстанок станува се‘ поизвесна и за тимот на Хофенхајм кој веќе 10 меча нема победа. Во неделата Хофенхајм загуби на домашен терен од Вердер со 4:1 и веќе денеска се очекува тренерот Маркус Бабел да добие отказ.

Во последниот натпревар од 15. коло Волфсбург и Хамбургер ги поделија бодовите играјќи 1:1.5