1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите Грци ќе мора да докажат потекло на имот?

26 август 2011

Грција започна сериозна борба против даночните затајувачи. Голем број претприемачи и лица кои извршуваат самостојна дејност се најдоа во визирот на финансиските служби. Претпријатијата сега мора да сметаат на контроли.

https://p.dw.com/p/12JhM
Фотографија: picture alliance/dpa

Листата на даночни грешници станува се’ подолга: не само богатите лекари и адвокати добија покана за разговор кај даночните служби, туку и професори и научни соработници на универзитетите, осомничени за затајување данок, бидејќи касирале средства за финансирање на научни проекти, заобиколувајќи ги финансиските служби. Големо внимание предизвика и случајот на познат астролог во Грција со четири милиони евра на сметката, кој и покрај својата наводна јасновидост, очигледно не предвидел дека ќе го посетат даночниците.

Времињата се сменија

Ова се случува бидејќи многумина Грци го минимизираат значењето на даночното затајување. Меѓутоа времињата се сменија, уверен е атинскиот економски новинар и експерт за даноци Танос Цирос.

„Факт е дека финансиските служби построго ќе контролираат, и тоа не станува збор само одредени успеси да се изрежираат преку медиумите“, смета Цирос, оти за владата и нема друг начин да стигне до пари.

Уште во мај годинава, тогашниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину, претстави амбициозен план за борба против затајување на данокот до 2015 година. Кратко време потоа, по реконструкцијата на владата, мораше да ја напушти функцијата, што предизвика и одредени негодувања. Меѓутоа и неговиот наследник министерот Евангелос Венизелос  најави борба против даночните затајувачи, уверен е новинарот Цирос.

Griechenland Athen Parlament Papandreou Abstimmung Sparpaket Polizei Krise Finanzkrise
Министерот Венизелос и премиерот ПапандреуФотографија: picture alliance/dpa

„Венизелос неодамна најави дека има намера да го спроведе тригодишниот план на неговиот претходник“, вели атинскиот новинар. Во септември грчката влада повторно треба да усвои построг закон за даноци, кој предвидува и нов инструмент во борбата против даночните затајувања. Се зборува дека сите грчки граѓани ќе бидат обврзани да го докажат потеклото на имотот, и тоа не само примањата и недвижностите, туку и на пример поседување на акции или останати нематеријални брачни имотни права. Врз основа на таквите документи, надлежните служби во секој момент ќе може да ги проверуваат имотните односи на сите даночни обврзници.

Како до успешен модел против затајувачите на данок?

Но, дали имаат капацитет за тоа?  Многумина даночни управи уверуваат дека немаат доволно персонал за да ги извршат овие задачи. Генералниот инспектор за јавна управа Ландрос Ракинцис, кој ужива голем углед меѓу населението, не е сосема уверен во ваквите тврдења. Грција има многу даночни управи, оти во минатото секој министер беше лаком да формира даночна управа во својот изборен округ, вели Ракинцис. Би било пожелно да има помалку управи, но подобро опремени и со доволно персонал.  Денес, според инспекторот, има даночници кои ништо не работат.

Finanzkrise Griechenland 2011_1
Фотографија: fotolia

Затајувањето особено е забележано надвор од големите градови. Луѓето се познаваат меѓусебе и ги избегнуваат непријатните прашања. Затоа Ракинцис има и алтернативен предлог: бидејќи службениците се поврзани со роднините, пријателите или поранешните соученици, тешко е да испитаат дали постои затајување данок, затоа смета инспекторот, даночниците воопшто и не би смееле да бидат ангажирани во местото каде што живеат. Такво нешто предивидувал и поранешен закон за службеници на Грција.

Колку добро може да функционира ова, покажува примерот од летово. Даночни службеници од Атина вршеа проверки кај вкупно 705 мали претпријатија на 50 острови во Егејското Море и притоа во 490 случаи констатирале престапи.

Автор: Јанис Пападимитриу / Александра Трајковска 

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска