1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите го бараат Сноуден

ЖА/дпа/афп/ртре24 јуни 2013

Играта мачка и глушец околу поранешниот американски службеник во тајните служби, Сноуден, продолжува. Неговата трага засега се губи во Москва. Русија е на тапет како помагач. Џулијан Асанж тврди - Сноуден е на сигурно.

https://p.dw.com/p/18vCK
Фотографија: KIRILL KUDRYAVTSEV/AFP/Getty Images

Можеби Едвард Сноуден одамна заминал од Русија. Но, никој не го видел во авионот на руската државна линија Аерофлот кон Хавана. Руската државна телевизија на своите репортери во авионот им посака добар лет кон кубанското сонце. Но, од 30-годишниот Американец Едвард Сноуден се‘уште нема трага. Додека Кина очигледно сакаше сепак да избегне конфликти со Американците, Русија со отворени раце го пречека човекот кој откри дека со програмата Призма американската тајна служба НСА ги надгледува интернет комуникациите на корисниците на услуги на големите интернет концерни како Гугл, Фејсбук и Мајксрофт. По обелоденувањето на овие информации тој избега во Хонгконг, а оттаму во текот на вчерашниот ден се упати во Москва, за која се претпоставува дека е меѓустаница на патот на неговото бегство во некоја држава, но никој не знае - каде?

Snowden Hong Kong Plakat 18.06.2013
Фотографија: Philippe Lopez/AFP/Getty Images

Американскиот државен секретар Џон Кери им се закани на Кина и на Русија дека ќе има последици во нивните меѓудржавни односи со Вашингтон, оценувајќи го како „разочарувачки“ фактот што поранешниот службеник на НСА, Едвард Сноуден, добил можност да патува од Хонг Конг до Москва.

„Сноуден, чија екстрадиција ја бараат САД поради обвинение за шпионажа, ја предаде својата земја“, изјави Кери, кој се наоѓа во посета на Индија.

На прашањето за улогата на Русија, американскиот државен секретар нагласи дека Русите треба да го почитуваат законот, бидејќи тоа е во интерес на сите.

„Во последните две години екстрадиравме во Русија седум затвореници по нивно барање, затоа сметам дека реципроцитетот и почитувањето на законот се важни“, додаде Кери.

Досега само Еквадор официјално потврди дека Едвард Сноуден побарал политички азил. Претставник на Министерството за надворешни работи кратко изјави дека барањето се разгледува.

САД ги повикаа сите земји-потенцијални даватели на азил на Сноуден, да се воздржат од тој чекор. Но, малку е за верување дека Еквадор, Венецуела или Куба на пример ќе се замислат пред овој апел.

Во меѓувреме, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој се наоѓа во азил во еквадорската амбасада во Лондон, а кој исто така го бараат Американците поради објавување американски доверливи документи на интернет во врска со ирачката војна, кратко соопшти - „Сноуден е здрав и е на безбедно место“.