1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сиромаштијата во Македонија нема врска со етничката припадност“

ФАЦ/ Шпигел/ З. Јордановски 12 ноември 2012

Темата за азилантите - Роми од Македонија и Србија е многу често присутна во германските медиуми. Најнов повод е извештајот за пристигнатите азиланти во Германија во октомври: најмногу се од Србија и Македонија.

https://p.dw.com/p/16hH3
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) наведува податоци од официјалната статистика на германскиот Сојузен завод за миграција и бегалци, според кои годинава Србија е на прво место според тоа од каде потекнуваат барателите на азил во Германија, а Македонија на петто место. Во октомври Македонија е веднаш зад Србија. Во опширниот напис е констатирано дека шансите барателите од тие земји да добијат азил во Германија се еднакви на нула, оти се смета дека Ромите таму не се политички прогонувани. „Откако повеќе земји на ЕУ се заканија со повторно воведување на визи за граѓаните на двете земји, голема е нервозата на владите во Скопје и Белград. Слободата за патување во двете држави се смета за далеку најважно надворешно-политичко постигнување во изминатата деценија“, се вели во ФАЦ. „Доколку слободата на патувања биде ограничена или укината, тоа би можело да ги разниша владите во Скопје и Белград. Затоа македонскиот премиер Никола Груевски сега оди во офанзива. Донесени се повеќе мерки за да не биде загрозен безвизниот режим за македонските граѓани.“

ФАЦ потоа ја цитира Корнелија Утевска-Глигоровска, амбасадор на Македонија во Германија: „Никој не тврди дека Ромите во Македонија живеат како во рај. Но, нашата влада се труди да создаде разумни услови за живот за сите граѓани. Во Македонија има сиромашни луѓе, но тоа нема никаква врска со нивната етничка припадност“. На ова, весникот констатира: „Навистина не може да стане збор за систематско државно изолирање на Ромите во Македонија“ и наведува многу факти: застапеност во парламентот, министерска позиција во владата, градоначалник во општината Шуто Оризари, изучување на ромски јазик во училиштата, емисии на радио и на ТВ на ромски јазик. „Дури ни сериозни претставници на ромски организации не тврдат дека ни самите Роми не се сосем без вина за нивната мизерија“, пренесува ФАЦ.

Написот на крајот се задржува на законот со кој се криминализира поттикнувањето и организирањето патувања за азил во држави на ЕУ. Можеби во 2009 некои „сомнителни“ превозници и играле важна улога, „но во меѓувреме е спорно дали се’ уште наивни Роми се заведувани од пресметливи бизнис-махери за да одат на ’азил-патувања“. Одговорните во Скопје се свесни за слабата страна на законот: „Кој со закон спречува одредена етничка група слободно да излегува од земјата, дури и ако таа не е именувана во него, не треба да се чуди ако еден ден интервенираат судиите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, се вели на крајот од текстот објавен денеска (12.11.2012) во ФАЦ.

Logo Deutsche Printmedien
Фотографија: picture-alliance / dpa

Луѓето сонуваат за живот во Западна Европа

Магазинот „Дер Шпигел“ во најновиот број објавува долга репортажа од Шутка во Скопје и ромската населба Антена во Белград.

Од Шутка е прикажан еден „модел“ како ромско семејство може да стигне до Германија: преку интернет се воспоставува врска со „кандидат за младоженец“ - изгледот не е битен, важно е тој да го прифати целото семејство на „невестата“.

„Орхан вели, ако договарањето на бракот добро оди, туѓинецот ќе дојде во Шутка и ќе ја земе со себе Фатима во Диселдорф. Орхан вели дека новиот зет тогаш ќе плати билети за автобус за целото семејство. И, кога веќе сите седуммина ќе бидат во Германија, тој ќе поднесе барање за азил за нив. Орхан вели, секогаш е потребен некој кој ќе помогне, некој кој го познава германското право, за да успее се’ за нов почеток во Германија. На своја рака би се направиле многу грешки“.

И „Дер Шпигел“ констатира дека шансите на барателите на азил, се’ едно по кој пат да дојдат во Германија, се минимални. Но, и покрај тоа што во Шутка имаат и свој градоначалник - Ром, „луѓето сонуваат за живот во Западна Европа, најголемиот дел од нив сакаат да дојдат во Германија. За разлика од луѓето во белградската населба, луѓето овде (во Шутка, н.з.) се добро информирани за германската социјална држава (за социјалните погодности што ги нуди германската држава, н.з.). Тие знаат и дека од август наваму барателите на азил добиваат повеќе пари. (...) Но, приказните за Германија, што ги раскажуваат повратниците од таму, повеќе од се’ друго ги наведуваат луѓето и самите да се упатат таму“.

Магазинот „Дер Шпигел“ се навраќа и на политичката дебата во ЕУ и во Германија за укинување на безвизниот режим за Србија и Македонија како можно решение за запирање на приливот на азиланти од тие земји, но заклучува: „Луѓето во Шутка точно ја знаат политичката дебата, тоа не е причина за да ги променат своите планови за патување“.