1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија ја „симнува топката“ кон Турција?

ЖА/дв/дпа/афп/ртре13 октомври 2012

Сирија очигледно сака да ги намали тензиите во односите со соседна Турција. Таа предлага заедничка безбедносна комисија која би требало да се грижи за мир на границата меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/16PZ0
Фотографија: Reuters

Сирија е подготвена да воспостави директен дијалог со Турција за намалување на тензиите меѓу двете земји, соопшти денеска сириското Министерство за надворешни работи.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, минатата недела, ги повика Турција и Сирија да остварат директен дијалог за нормализирање на меѓусебните односи.

Сирија го поздрави предлогот на Лавров за неопходноста од создавање на механизам за директен дијалог меѓу Анкара и Дамаск за прашањата од безбедноста.

Сириските власти разговарале со рускиот амбасадор во Дамаск за подготвеноста на земјата за формирање на сириско-турска комисија за создавање на механизам за контрола на безбедноста на двете страни на сириско-турската граница, се наведува во соопштението на сириското министерство за надворешни работи.

Türkei - Syrisches Flugzeug auf dem Flughafen in Ankara
Инцидентот со сирискиот авион дотури „масло во огнот“Фотографија: picture-alliance/dpa

Задачата на Комисијата би била надгледување на сириско-турската граница и притоа почитување на суверенитетот на двете земји. Турција се‘уште не се изјасни за ваквиот предлог. Според сириската новинска агенција Сана, сириската влада допрва ќе раговара со одговорните во Анкара за своите планови.

Предлогот доаѓа во момент кога тонот меѓу двете земји е прилично заострен. Поради таквата ситуација специјалниот претставник на Обединетите нации и Арапската лига за Сирија Лахдар Брахими денеска ќе ја посети Турција.

Брахими во Истанбул ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Турција Ахмет Давутоглу. Неговата посета е договорена само пет дена откако неколку минофрлачки гранати истрелани од сириска територија паднаа во Турција, при што загинаа турски цивили.

Турските власти во средата пак запленија товар од сириски патнички авион, кој беше принуден од турската авијација да слета во Анкара поради сомнеж дека пренесува оружје. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на враќање од својата посета на Кина застанува кратко во Истанбул, за да разговара со својот ресорен турски колега Давутоглу околу деескалација на тензиите меѓу Сирија и Турција. Со својата посета Вестервеле сака да манифестира и солидарност со Турција.

Турција не е во војна со Сирија, но се‘ повеќе е вклучена во конфликтот во соседната земја. Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад ги обвини Турција, Саудиска Арабија и Катар дека ги вооружуваат бунтовниците во земјата.