1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија, сепак, не извршила масакр во Тремсех

Б. Георгиевски/ббс/афп15 јули 2012

Мисијата на меѓународните набљудувачи во Сирија потврди дека во селото Тремсех не се случил масакр на 200 невини цивили, како што тврдеше сириската опозиција, туку имало оружена престрелка меѓу армијата и бунтовниците

https://p.dw.com/p/15Xyp
Фотографија: Reuters

Иако членовите на набљудувачката мисија на ОН се’ уште се на теренот и го истражуваат случајот, првичните информации до кои дошле јасно укажуваат дека во селото Тремсех не се случил масакр врз невини цивили, како што изминатава недела тврдеа сириските опозиционери и западните политички лидери. Весникот „Њујорк Тајмс“ и БиБиСи објавуваат дека врз основа на видео снимки и признанија на голем број заробени бунтовнички борци, во селото дошло до борба на армиските и бунтовничките сили, во која настрадале бунтовниците.

I
Фотографија: AP

Сириските активисти за човекови права, кои делуваат од Лондон, претходно соопштија дека повеќе од 200 цивили биле убиени во четвртокот во Тремсех, при напад на сириската армија.  Бројот во меѓувреме беше постепено намалуван, па на крајот опозиционерите тврдеа имаат податоци за 100 мртви.

Таквите информации беа повод за остра осуда од страна на западните лидери и притисок врз Русија да даде поддршка во Советот за безбедност за уривање на режимот на Асад.

Извештајот на инспекторите на ОН во селото во меѓувреме ги потврдија тврдењата на режимот во Дамаск дека станувало збор за пресметка со вооружена група.

Она што сепак останува како забелешка на сметка на сириската влада е користењето на тешко оружје и артилерија при нападот врз селото, што е прекршување на договорот постигнат со пратеникот на ОН, Кофи Анан.