1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија на радарот на Бундесверот

Нина Веркхојзер/ Симе Недевски22 јануари 2014

Во Монтрe денеска започнува мировната конференција за Сирија. Меѓутоа крај на сирискиот конфликт не е на повидок.Согласно тоа продолжува и ангажманот на НАТО на сириско-турската граница, каде има и 300 германски војници.

https://p.dw.com/p/1AuTB
Фотографија: picture-alliance/dpa

Војниците на НАТО во Турција ја гледаат секоја испукана ракета во Сирија. Тие со помош на радари и сателити ги следат конфликтите во соседната земја, со која ги дели граница долга 900 километри. Овие војници се таму веќе една година и нема никакви показатели дека би можеле да се повлечат. Војната во Сирија, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер, претставува катастрофа која со монструозните напади врз цивилното население доби нова димензија. Со оглед на таквиот развој на ситуацијата, се очекува мнозинството во Бундестагот да гласа за продолжување на мандатот на војниците на НАТО во Турција.

Помош за Турција

Кога граѓанската војна во Сирија премина и на граничната област со Турција, владата во Анкара ги замоли НАТО-партнерите да ѝ биде достапен противракетниот систем „Патриот“, бидејќи, сириската армија во својот арсенал има ракети со дострел од 700 километри, против кои турската армија нема сопствена ефикасна одбрана. Во системот „Патриот“ има моќни радарски системи, како и фиксни и мобилни системи за проектили. Со оглед дека во НАТО само Германија, САД и Холандија имаат најмодерни варијанти на овој систем, овие три земји и ја презедоа контролата над турско-сириската погранична област. Германија соопшти дека нејзината мисија е „дефанзивна“ и оти не служи за контрола на зоната на забранети летови над сириска територија. Почетните стравувања дека германските војници би можеле да бидат вовлечени во конфликтите, не се остварија.

Türkei Patriot Einsatz der Bundeswehr
Ракетен систем од типот „Патриот“ на германскиот БундесверФотографија: picture-alliance/dpa

Ограда“ за застрашување

„Активна ограда“ е името кое НАТО ѝ го даде на оваа мисија- тоа би требало да биде јавно предупредување за завојуваните страни во Сирија. Набљудувачкиот пункт на Бундесверот се наоѓа над турскиот град Караманмараса, на околу 100 километри одалеченост од сириската граница. Од другата страна на границата е сирискиот град Алепо. Досега Гермаците не мораа да испукаат ниту еден проектил. Додуша единиците на НАТО не можат да сторат ништо против гранатите испукани врз турските погранични места. Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен германската воена мисија ја окарактеризира како успех, велејќи дека Бундесверот „успешно го штити турското население и територијата од напад на сириски ракети.“ Таа, исто така, додаде оти состојбата е сепак критична бидејќи, како што вели, се убиени 70 турски цивили, а 770.000 сириски бегалци побараа прибежиште во Турција.

Левичарите: „тоа е излишна акција“

Левичарската партија е единствена во Бундестагот која смета оти присуството на германскиот „Патриот“-систем на турско-сириската граница е излишно. „Сите знаеме дека Турција во сирискиот конфликт е всушност дел од проблемот“, изјави левичарскиот политичар Јан ван Акен во парламентот. Тој додаде дека преку Турција на областите каде се водат борби преминуваат борците на Ал Каеда, како и оти џихадистите преку Турција шверцуваат оружје во Сирија: „повлекувањето на Бундесверот би бил политички сигнал за Анкара да престане со таа погрешна политика.“
Министерката за одбарна не го дели истото мислење: „Ги поддржуваме нашите партнери во сојузот и го одржуваме ветувањето“, изјави Урсула фон дер Лајен.
По три години граѓанска војна, германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер изрази надеж дека конференцијата за Сирија која денеска (22. јануари 2014) започнува во швајцарското место Монтро би можела да ги омекне фронтовите: „Можеби овие денови ќе се отвори вратата за политичко решение“, рече Штајнмајер. Тоа би имало последици и Бундесверот- крајот на конфликтот во Сирија би значел дека ангажманот во Турција станал непотребен.

Syrien Aleppo Zerstörung Luftangriffe 17.12.2013
Разурнатиот сириски град АлепоФотографија: Mohmmed Al Khatieb/AFP/Getty Images