1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирискиот конфликт пред Меѓународниот кривичен суд?

ЖА/дв/дпа/ртре/миа15 јануари 2013

Швајцарија сака да го изведе сирискиот конфликт пред Меѓународниот кривичен суд и заради тоа побара седница на Советот за безбедност на ОН. Германија ја поддржува иницијативата.

https://p.dw.com/p/17K9A
Фотографија: picture-alliance/dpa

Швајцарија го испрати документот во кој се бара Меѓународниот кривичен суд (МКС) да спроведе истрага за воени злосторства во граѓанската војна во Сирија до 15-члениот Совет за безбедност, кој е единственото тело што може тоа да го бара од МКС, но е жестоко поделен во однос на прашањето за конфликтот во Сирија, што трае веќе 22 месеци.

Барањето го потпишаа 56 земји, меѓу кои и европски земји, како Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија, како и Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и неколку африкански и пацифички земји. Либија и Тунис, кои доживеаја т.н. Арапска пролет, исто така ја потпишаа иницијативата, која е резултат на истрагата на ОН, во која е утврдено дека постои силен доказ дека во Сирија во изминатите две години се извршени злосторства против човештвото и воени злосторства.

Во писмото се бара СБ на ОН од МКС да побара истрага без исклучоци и без оглед на наводните сторители.

„Советот за безбедност во најмала рака треба да испрати јасна порака со која ќе апелира до сириските власти и сите други страни во конфликтот целосно да ги почитуваат меѓународните човекови права“, се наведува во писмото.

Русија и Кина, кои се постојани земји членки, поставија вето на претходните три резолуции во кои беше предвидено единствено да се закани со воведување санкции на режимот на претседателот Башар ал Асад. Бидејќи Сирија не е членка на МКС, истрагата за воени злосторства во земјата може да почне само на барање на СБ на ОН. Сепак, според дипломатски извори, поделеноста околу сириското прашање е толку голема што телото моментално не е во состојба ништо да направи.

Русија и Кина одбија да се потпишат на швајцарското барање. САД не го потпишаа писмото бидејќи не се членки на МКС, но сепак ја поддржуваат иницијативата.

„Нашиот предлог го поддржуваат Европа и поголемиот број региони во светот. Ние можеме да ја стартуваме оваа постапка. Во Сирија се вршат ужасни воени злосторства и луѓето мора да сфатат дека тоа нема да мине неказнето“, изјави швајцарскиот министер за надворешни работи Дидие Буркхалтер. Русија е најголем противник на меѓународна акција во сирискиот конфликт во кој според проценките на ОН досега се убиени над 60.000 лица. Според УНЦХР, органзацијата на ОН за бегалци, од Сирија околку 600 илјади луѓе избегале во соседните држави.