Сириската опозиција со критика за „празните ветувања“ на меѓународната заедница
23 февруари 2013Портпарол на Националната коалиција на Сирија во изјава за американската телевизиска станица ЦНН (си-ен-ен) го најави неучеството на претставници на опозицискиот сојуз на средбата во Рим, критикувајќи го притоа „меѓународниот молк“ за насилството во оваа блискоистична земја. На Коалицијата и‘ е здодеано да гледа како меѓународната заедница одржува конференции, но не ги остварува ветувањата за неопходната помош, истакна портпаролот на Националната коалиција на Сирија за телевизијата ЦНН. Бунтовниците, меѓу другото, бараат и испорака на оружје. „Пријатели на Сирија“ е неформална меѓународна група на која и‘ припаѓаат повеќе од 100 држави. Сирискиот опозициски сојуз нема, како што најави, да учествува ниту на планираните разговори за решавање на конфликтот, кои треба да се одржат во Русија и во САД.
Опозицијата ќе формира преодна влада
Во образложението на ваквиот чекор посебно се критикува позицијата на Москва, затоа што, како што велат бунтовниците, и натаму со испораки на оружје го поддржува режимот на претседателот Башар ал-Асад.
Претходно, Националната коалиција донесе одлука да формира преодна влада во регионите во Сирија, кои се под нејзина контрола.
Портпаролот на националната опозициска коалиција Валид ал-Бони синоќа (22.02) во Каиро истакна дека претставниците на коалицијата постигнале согласност за неопходноста за формирање на влада, кој ќе управува со ослободените територии.
Тој наведе дека коалицијата ќе има средба на втори март во Истанбул, на која ќе се избере составот на владата и нејзиниот шеф. Ал Бони истакна дека се надева дека владата ќе биде лоцирана во Сирија, на териториите кои се под контрола на бунтовниците, пред се’ во северниот и источниот дел на земјата.