1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириската опозиција бара повлекување на шефот на набљудувачите

30 декември 2011

Сириската опозиција побара отповикување од должност на раководителот на набљудувачката мисија на Арапската лига. Претставници на опозицијата соопштија дека се стравува оти генералот Мустафа ал Даби не е неутрален.

https://p.dw.com/p/13biT
Сомнежи во неутралноста на Мустафа ал ДабиФотографија: picture-alliance/dpa

Генерал Мохамед Ахмед Мустафа ал Даби му служи на „репресивниот режим на суданскиот претседател Омар ал Башир“, соопшти Омар Идилби од локалниот сириски Координативен комитет. Сирискиот дисидент Хајтам Мана, кој се наоѓа во Париз, пак побара Ал Даби или да биде сменет, или да бидат ограничени неговите овластувања. „Што да се очекува од еден раководител на набљудувачка мисија, на чија сметка има обвинувања за геноцид во сопствената земја“, праша опозициониот политичар Аусама Монаџед од сирискиот Национален совет. Советот најави дека ќе достави барање до Арапската лига за смена на Ал Даби.

Претставник на Арапската лига го бранаше изборот на раководител на набљудувачите. Ал Даби, како што се вели, ја ужива целосната поддршка на сите членки на Лигата.

Ал Даби важи за човек од доверба на суданскиот претседател Омар ал Башир, против кого има подигнато обвинение пред Меѓународниот кривичен суд поради геноцид. По посетата на градот Хомс, Ал Даби изјави дека во градот не видел ништо страшно. Ваквата изјава предизвика бура реакции на сириските опозиционери. Набљудувачите на Арапската лига треба да го надгледуваат спроведувањето на мировниот план, во кој сирискиот режим ветува дека ќе запре со насилство против луѓето што протестираат. Од земјата, меѓутоа, и натаму доаѓаат информации за загинати.

Автор: ЕМФ/афп/дв/ртр/дпа

Редактор: Борис Георгиевски