1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Син на Гадафи загина во напад на НАТО

1 мај 2011

Во напад на НАТО загина најмладиот син и три внуци на либискиот властодржец Моамер ел Гадафи, соопштено е во Триполи. Гадафи и неговата сопруга не се повредени, тврди неговиот портпарол Муса Ибрахим.

https://p.dw.com/p/1177R
Урнатините на објектот кој бил погоден од НАТО беа прикажани на државната либиска телевизија
Урнатините на објектот кој бил погоден од НАТО беа прикажани на државната либиска телевизијаФотографија: AP

Моамер ел Гадафи, според портпаролот Ибрахим, во времето на нападот се наоѓал во куќата на 29-годишниот Саиф ал Араб Гадафи. Имињата на трите деца што загинале во нападот не се соопштени, за да се зачува приватноста на семејството. Ибрахим само наведе дека сите три деца се помлади од 12 години. Портпаролот на Гадафи обвини дека нападот бил обид да се „убие лидерот“ и дека со него е прекршено меѓународното право.

НАТО денеска (01.05.) потврди дека имало напад врз еден од владините објекти во Триполи, но нема потврда за смртта на Саиф ал Араб Гадафи. Целта на вчерашниот напад бил команден центар во квартот Баб-Ал-Асисија, соопшти НАТО. Се додава дека сите цели биле воени. Британскиот премиер Дејвид Камерон изрази сомневање во наводната смрт на еден од синовите на Гадафи. Тој за Би-Би-Си рече дека се работи за непотврден извештај на владата во Триполи, што не би го коментирал.

Нападот се случи само неколку часа откако либискиот властодржец се заложи за прекин на огнот и разговори со силите на НАТО. Вакваката понуда беше отфрлена од страна на Алијансата, со објаснување дека треба да се видат дела, а не зборови.

Моамер ел Гадафи во времето на нападот бил во објектот, но не е повреден, тврди неговиот портпарол
Моамер ел Гадафи во времето на нападот бил во објектот, но не е повреден, тврди неговиот портпаролФотографија: picture alliance/dpa

Саиф ал Араб Гадафи бил непожелна личност во Германија

Во опколениот град Мисрата, бунтовниците ја поздравија веста за смртта на синот на Гадафи со автомобилски сирени и повици „Господ е голем“. Градот е под опсада на трупите на Гадафи два месеца.

Инаку, Саиф ал Араб Гадафи до пред извесно време студираше во Минхен, но не ги заврши студиите. Во периодот од ноември 2006 до јули 2010 година, обвинителството против него покрена десет постапки. Меѓу другото, постоело сомневање за прекршување на законот за оружје, како и телесни повреди. На почетокот на годинава, Саиф ал Араб Гадафи беше прогласен за непожелна личност во Германија. Според баварското министерство за внатрешни работи, тој веќе не смеел да влегува во Германија.

Автор: ЕМФ/ТТ/дпа/дапд

Редактор: Трајче Тосев