1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синодот демонстрира независност?

28 март 2010

МПЦ-ОА е во мисија да го смени имиџот што за себе го ужива меѓу верниците, дека одредени политички партии имаат пресудно влијание врз црковните процеси. Слична е меѓузависноста со политиката и кај ИВЗ.

https://p.dw.com/p/Mg8e
Соборниот храм во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Може ли црквата да биде имуна на политички влијанија? Ова не би требало да претставува дилема во секуларна држава каква што е Македонија. Но, релациите меѓу политиката и црквата во земјата се интензивни. Денововиве црквата иницираше средби со лидерите на двете најголеми политички партии. За содржината на разговорите официјално се молчи. Партиски и црковни извори велат дека црквата се обидува да се испере од имиџот што јавноста го има за неа. Синодот сака да демонстрира независност, слика според која црквата им припаѓа на верниците, а не на политичарите.

Valentina Bozinovska
Валентина БожиновскаФотографија: Petr Stojanovski

Комисијата за односи со верските заедници го поздравува ваквиот потег на црквата. Претседателката Валентина Божиновска за Дојче веле објаснува: „Убаво е што конечно црквата го потврди секуларизмот. Најважно од се’ е што демонстрираше дека црквата Светиот Архиерејски Синод не припаѓа на една политичка партија, туку дека е тука за сите граѓани односно за верниците. Суштински е доаѓањето кај опозицијата и кај владеачката партија“.

Блискост со десницата

Во последниве години неодминлив е впечатокот на црковните аналитичари па дури и на верниците за блискоста на црковниот врв со политичката десница. Можеби изгледа природно една конзервативна организација каква што е црквата да има слични ставови по низа прашања со конзервативната политичка сила во општестеството. Но, блискоста не е само идеолошка. Актуелниот поглавар во 1999 година го добива црковниот престол со силна поддршка на тогашната власт на ВМРО ДПМНЕ. Оттогаш низа примери покажуваат дека политичарите имаат влијание, понекогаш дури и контрола врз одредени црковни процеси.

40 Jahre Mazedonische Orthodoxe Kirche
ЦркваФотографија: DW

Слична е состојбата и кај втората по големина верска заедница во Македонија. Иако се труди, ИВЗ не успева да остане отпорна на политички влијанија.

Дијалогот на продолжи

Премиерот Никола Груевски смета дека одредени политички партии ги злоупотребуваат верските заедници. „Јас сакам да го продолжиме дијалогот и соработката и со ИВЗ и со другите верски заедници во земјава. Жалам што некои политички структури ги злоупотребуваат верските заедници со цел да остварат некоја политичка цел“, вели Груевски одговарајќи на прозивките на муфтиите дека Владата гради објекти на земјиште кое и припаѓа на Исламската верска заедница.

Mazedonien - Land und Leute
ИВЗФотографија: DW

Веднаш по средбата на лидерот на опозициониот СДСМ, Бранко Црвенковски со поглаварот г.г. Стефан, исплашен дека МПЦ бара од опозицијата поддршка за изградба на црква на плоштадот, кај него побрза и поглаварот на Исламската верска заедница. Извори од СДСМ кои побараа да останат анонимни за Дојче веле тврдат дека партијата не отстапува од позицијата дека на плоштадот не треба да се гради, ниту црква, ниту џамија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема