1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сина карта“ -олеснето доселување во Германија

ЖА/БГ/дпа/апад27 април 2012

Квалификуваните работници и оние со завршен факултет од странство во иднина полесно ќе најдат работа во Германија. Бундестагот денеска донесе закон за воведување т.н.„сина карта“.

https://p.dw.com/p/14lrE
Card für EuropaФотографија: picture-alliance/chromorange

Германија сака да привлече повеќе стручни работници од странство. Бундестагот денеска го донесе законот за т.н. „Сина карта“ кој тоа го овозможува. Законот ги елиминира бирократските пречки за доаѓање странска стручна работна сила од земјите надвор од ЕУ.

Со новите правила значително е намалена границата на заработувачката која е услов за добивање дозвола за престој-на околу 45 илјади евра годишно. Во посебни области, каде постои недостиг од работна сила, односно за одредени професии, границата изнесува 35 илјади евра. Оние кои ќе ја добијат прво временски ограничената „сина карта“, по три години ќе добијат право на неограничен престој за себе и за своето семејство доколку имаат валиден работен договор, а ако добро го знаат германскиот јазик, дозволата за траен престој ќе ја добијат за две години. Освен тоа, на заинтересираните странци ќе им биде понудена шестмесечна виза која ќе им овозможи барање работа во Германија.

Странските студенти пак ќе можат во земјата да останат 18 месеци по завршувањето за да можат да најдат работно место.

Deutschland Fachkräfte Fachkräftemangel Deutsch-indisches Joint-Venture in Dresden
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих во расправата во Бундестагот ја истакна неопходноста да се приблечат високо квалификувани лица за германскиот пазар на труд со оглед на стареењето на нацијата. Но, најважниот одговор на недостигот од стручна сила е образованието на луѓето во сопствената земја, додаде Фридрих. Тој апелираше на активност на работодавачите и користење на новите правила.

Законот за „сината карта“ е донесе со гласовите на владејачката коалиција. Опозиционата Социјалдемократска партија се воздржа при гласањето, иако се согласува со дел од прописите. За СПД е спорна пред се ниската граница на годишна заработувачка, 35 илјади евра значат „дампинг во платите за акадамските граѓани“ и можеби е спротивна на важечките закони во ЕУ, истакна пратеничката Даниела Колбе.

Левицата го отфрли законот, а Партијата на зелените исто беше воздржана. Зелените бараат сеопфатна реформа на правото на доселување и воведување систем на поени. Законот Зелените го сметаат за премногу бирократски, а услов за стручната сила не треб ада биде толку познавањето на германскиот, колку на англискиот јазик.

Законот за „сината карта“ треба да биде усвоен и од Бундесратот и да стапи во сила што е можно побргу.