1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силт: борба за песокот

Соња Шок/Б. Георгиевски30 јули 2013

Песокот како капитал - без него одморот на Силт не би бил можен. Но поради тоа што морето секоја година одвлекува околу еден милион кубни метри песок, локалните жители одново мораат да ги пополнуваат плажите на островот

https://p.dw.com/p/1961x
Фотографија: Patrik Stollarz/AFP/GettyImages

Најсеверниот дел на Силт. Оваа неповторлива природа е капиталот на островот. Борис Циглер, одговорен за туризам, заедно со други жители на островот се бори за зачувување на пејсажот. Од година во година особено се загрозени песочните плажи. Морето тука е мирно само налето, секоја зима брановите одвлекуваат милион кубни метри песок.

„Плажата е на некој начин наш капитал, тоа е она што им го нудиме на гостите како зона на релаксација на една широка површина - под услов да имаме песок, и каде што им ги нудиме и нашите услуги“, вели Циглер. .

Затоа секоја година се носи свеж песок, кој помешан со вода се прска на плажата. Брод-багер го пренесува песокот црпен во област оддалечена околу 8 километри од брегот на Силт. Заштитниците на крајбрежјето мораат да пополнат многу барања за да добијат дозвола за тоа. Еден кубен метар чини повеќе од четири евра.

Nordseestrand Sylt
Фотографија: Sven Hoppe/AFP/GettyImages

Кој би крадел песок?

Секој поединечен бродски товар со песок мора прецизно да биде документиран: со датум, време и координати на местото на црпењето. Зашто, резервите не се бескрајни, а притоа мора да се заштити и морскиот еко-систем.

За разлика од други региони во светот каде песокот од брегот се краде, во Европската Унија важат строги правила, објаснува Циглер:

„Не можам да си замислам дека некој би крадел песок. Сум слушнал дека се случува, но јас тоа не можам да си го претставам. Ние во секој случај ќе сториме се што е во наша моќ да избегнеме и да спречиме такво нешто“.

Сезоната започнува и тука ќе биде преполно. Секоја година во Силт доаѓаат околу 850 илјади летувалци. Од островот само за данок се слеваат околу 200 милиони евра годишно.

18.06.2013 DW Wirtschaft Kompakt Sylt Reportage Sand
Ископување на песок во Силт

„Доколку на мерките за заштитата на брегот гледате од економска страна, тогаш ние сме најголемите уплатувачи на данок во регионот на Северна Фризија, а според клучот, и во целата покраина. Покраината не плаќа со години залудно милиони за програмата за заштита на брегот, затоа што и тие знаат што имаат од тоа: од една страна е класичната економската сметка, а од друга ние овде сме заштита за копнениот дел од брановите“, вели Борис Циглер.

Жителите на Силт ќе можат уште 30 години да го користат одобреното место за црпење песок пред нивниот брег. Потоа, како што се шегуваат, ќе мораат да преговараат со соседите Данци, оти морската струја секоја година кај нив го одвлекува песокот од Силт.