1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силни во верата... и без информации за изборите

25 април 2011

И македонската православна црковна општина Свети Климент Охридски од Берлин го прослави Велигден. Но дали сите оние што дојдоа в црква ќе бидат и на гласањето за македонските избори во амбасадата во Берлин на 4 јуни?

https://p.dw.com/p/113Q7
Од прославата на Велигден во македонската црковна општина во БерлинФотографија: DW/S.Padori-Klenke

Традиционално, но не во импозантен број како пред неколку години, Македонците од Берлин се собраа во малата капела и големиот двор на „Орздорфер Штрасе“ да го прослават „Празникот над празниците“.Верата и традицијата велат ја негуваат. Повеќемина од оние кои беа на Велигденската црковна служба ги прашавме дали ќе најдат време и за државните работи, за гласањето кое треба да се оддржи на 4 јуни во македонската амбасада во Берлин, ден пред предвременото парламентарно изјаснувањето во татковината.

Имаше доста луѓе. Бројот меѓутоа не е тој што беше порано. „Па мислам дека би требало да има и повеќе кои ќе гласаат во амбасадата зашто не се сите вечерва дојдени. Ќе дојдат и утре на дневната служба, кажува Илија, додека пак Душко се надева дека одзивот на 4 јуни ќе биде добар. Тој има забелешки за информирањето околу изборите кое според него требало да биде подобро: преку меил или директно во фирмите каде работат. Првпат се гласа во странство и затоа требало да има повеќе информации околу целата постапка.

Wahlen Mazedonien
Фотографија: DW

Зарем ќе се гласа?

И Петрула и Јана беа вистински изненадени од прашањето: дали ќе се изјаснат за новата власт?:

„ Па не знаеме дека тука може да гласаме? Ако може ќе гласаме обавезно... Знам дека имаше некаков предлог, но не знаем дека е дозволено да се гласа. Ќе гласам и јас, но до сега не знаев дека ќе се гласа в амбасадата...“

Многумина нема да гласаат зашто немаат право - имаат германско државјанство. Други пак беа категорични дека ќе гласаат и покрај недоволното информирање. Наде вели дека недоволната информираност се однесува на целата постапка: пријавувањето, проверката во избирачките списоци, можните пратеници од дијаспората... Смета дека гласањето во дипломатските претставништва е трошок за семејствата и се сомнева дека оние кои се оддалечени 300 - 400 километри од гласачките места ќе се решат да тргнат на пат.

„Не можат и од други градови да си го дозволат гласањето. Има луѓе кои се во пензија, немаат пари, па не можат да патуваат за да гласаат. Ќе беше поедноставно да се гласаше со писмо, заокружуваш и се' е во ред...“

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Симе Недевски