1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силна експлозија ја потресе околината на Лондон

11 декември 2005

Рано утринава во 6 часот по локално време, што значи во 7 по средно-европско, во поширокото подрачје на британската метропола се слушна многу силна експлозија, по која уследиле уште две три помали.

https://p.dw.com/p/AcAc
Фотографија: AP

Првата во секој случај се слушнала и на оддалеченост од 60км, во целото пошироко подрачје на Лондон.

Експлозијата се случила во едно складиште за гориво во близината на еден од аеродромите во околината на Лондон.

„Одев на работа и одеднаш зад една од зградите каде се големите резервоари видов огромна огнена топка како се крева во воздух. Бев одалечен можеби педесет метри од местото. Веднаш потоа го слушнав најсилниот тресок во мојот живот„ – објаснува еден возач на цистерна, кој во моментот на несреќата се наоѓал на паркингот на складиштето.

Британската полиција во меѓувреме ја исклучува можноста дека станува збор за намерна диверзија, туку трвди дека е во прашање несреќен случај. За откривање на правите причини за експлозијата за сега нема доволно индиции, но полицијата ја исклучува и можноста врз големите танкови со гориво во близината на аеродромот Лутон да паднал авион. Агенциите прво јавија дека очевидци на настанот слушнале звуци на авион во непосредна близина на складиштето.

Поради огромниот пожар што се‘ уште не е угасен и поради големите облаци чад, блокиран е и сообраќајот на два автопати кои минуваат во близина на складиштето, а полицијата го повика и населението во оближните населби да ги држи затворени прозорците и да не излегува од домовите доколку е тоа можно.

„Она што посебно не‘ загрижува е токсичниот чад во подрачјето и затоа се обидуваме да ги држиме луѓето подалеку од местото на настанот„ – изјави портпаролот на пожарникарските и спасувачките екипи, Џејн Вајн.