Силината на Ајзак опадна на ниво на тропска бура
30 август 2012Ураганот Ајзак кој го погоди јужното крајбрежје на САД го намали интензитетот до ниво на тропска бура.
Во текот на ноќта бурата го погоди градот Њу Орлеанс во државата Луизијана и неговата поширока околина. Градоначалникот на Њу Орлеанс сепак синоќа воведе полициски час поради невремето. Над 600.000 домаќинства и бизниси се без електрична енергија, една населба во околината на Њу Орлеанс е целосно поплавена, но засега нема информации за поголеми штети во самиот град. Илјадници луѓе побегнаа од регионите низ кои треба да мине бурата, а мнозинството кои останаа се заклучени во своите куќи.
Метеоролозите прогнозираат дека бурата ќе продолжи кон внатрешноста на земјата и дека постепено ќе ја губи силата.
Ајзак претходно ги погоди Хаити и Доминиканската Република, каде загинаа најмалку 24 лица, а донесе и големи поплави и штети на Карибите.