Силен земјотрес и цунами во Јапонија
11 март 2011Разурнувачки цунами бранови со висина од 10 метри го погодиле пристаништето во градот Сендаи на источниот брег на Јапонија. Телевизиските снимки прикажаа превртени бродови и автомобили во градот кој се наоѓа на околу 130 километри од епицентарот на потресот. Тревога од високите цунами бранови во меѓувреме е издадена и за повеќе околни држави. Во Токио зградите се тресеа неколку минути, а избувнаа и пожари на повеќе локации. Агенциите јавуваат за десетици повредени лица ширум земјата, но и за луѓе заробени под урнатините предизвикани од потресот.
Јапонската влада одржа кризна седница, а по неа премиерот Наото Кан изјави дека нема опасност од истекување на радиоактивни материи од нуклеарните централи во земјата кои во меѓувреме се затворени. Истотака и повеќе аеродроми во земјата се затворени, а во делумно е прекинат и железничкиот и патничкиот сообраќај.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во првичната реакција истакна дека е потресен од вестите за катастрофалните размери на земјотресот во Јапонија и понуди помош од Германија.
Автор: СН/ дпа/ ртре
Редактор: Александра Трајковска