Силен земјотрес во Кина
12 мај 2008Земјотресот имал јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот му е во провинцијата Сечуан каде некои региони се целосно одсечени. Улиците се непроодни јавуваат локалните власти, а во прекин се и телефонските врски. Дописнокот на државната телевизија јави:
„Немаме контакти со Вечуан, местото во кое беше епицентарот на потресот. Ситуацијата таму е нејасна“.
Армијата се вклучи во спасувачката акција
Војската со хеликоптери ги надлетува погодените региони за да ја утврди ситуацијата. Од Пекинг е испратен специјален тим за помош при земјотреси, а во спасувачките акции е вклучена и армијата. Агенциите постојано јавуваат за нови загинати, но се стравува дека бројката може да биде многу поголема бидејќи неколку илјади луѓе се затрупани под урнатините. Можно е голем дел од жртвите да се ученици, бидејќи во потресот колабирале неколку училишни згради.
Потресот се почуствувал и во Пекинг
Еден очевидец од главниот град за СиЕнЕн изјави:
„Бевме на 15 кат и зградата почна многу да се тресе, поради што избегавме. Сепак немаше никаква штета, ниту повредени“.
Кинескиот премиер Вен Џијабао, кој веќе е на местото на несреќата изјави дека е ова огромна катастрофа и го повика населението на смиреност. Претседателот Ху Џингтао нареди итно да се достави помош за настраданите.