1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сивите глувчиња“ на ЕУ

Кристоф Хазелбах / Александра Трајковска12 јануари 2013

Претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој и Високиот претставник за надворешна политика Кетрин Ештон требаше да станат лицата на Унијата. Но, по повеќе од две години се' уште речиси никој не ги знае.

https://p.dw.com/p/17CNS
Фотографија: AP

Кога на крајот на 2009. година беа номинирани од владите на земјите на ЕУ, Белгиецот Херман ван Ромпој и Британката Кетрин Ештон беа практично непознати за широката јавност. До денес ова малку се промени, иако постојаниот претседател на Советот и претставникот за надворешна политика ги извршуваат највисоките функции што ЕУ воопшто може да ги додели.

Сопственото мислење е неважно

Претседателот на Советот, според Лисабонскиот договор, требаше да внесе поголем континуитет во работата на ЕУ. Дотогаш шефовите на држави или влади на земјите кои претседаваа со Унијата, се менуваа како претседатели. За функцијата претседател со Советот на ЕУ се споменуваа познати личности, како, на пример, поранешниот британски премиер Тони Блер. Меѓутоа, изборот падна на човек кој делуваше речиси како еден вид анти-Блер: на невпечатливиот поранешен белгиски премиер Херман ван Ромпој.

Тој сакаше да посредува, да спојува, да формира консензус, неговото сопствено мислење не се брои, навести уште на почетокот Ван Ромпој. Тогаш мораше да издржи и многу потсмев. Тој имал „харизма на мокра крпа и изглед на мал банкарски службеник“, се потсмеваше британскиот европратеник Најџел Фараџ од евроскептичната Независна партија на Обединетото Кралство (UK Independence Party). Присутниот Ван Ромпој го поднесе навредувањето, без да каже ниту збор.

EU Gipfel Debatte Europa Parlament Straßburg Nigel Farage
Европратеникот Најџел Фараџ: „Имате харизма на мокра крпа“Фотографија: dapd

Во еврокризата Ван Ромпој доби на тежина

Меѓутоа тој беше потценет. Неговата невпечатливост најверојатно дури и му помогна на Ван Ромпој при извршувањето на задачите, особено што тврдокорно ги следи своите цели. Како драгоцени се покажаа неговите тивки посредувачки квалитети, пред се' во должничката криза.

Постојано настојуваќи да ја намали драматичноста на ситуацијата, Ван Ромпој сфати дека треба да најде заедничка линија меѓу претставите на земјите т.н. „тешка категорија“, како Германија и Франција, и интересите на помалите земји, и да спречи еврозоната да се отцепи од целата ЕУ. Тоа што за само неколку месеци беше готов Фискалниот пакт и што го потпишаа речиси сите ЕУ држави, е во голем дел резултат и на работата на Ван Ромпој. Сега не само што е потврден на својата функција, туку треба и да раководи со самитите на ЕУ, што е уште еден доказ за доверба. Легендарна е љубовта на Ван Ромпој за јапонските хаику - кратки песни со строга стуктура. Тој дури и објави некои, дури и за време на седница на Советот, за да ја олабави атмосферата.

Пропорционални прашања

Изненадување беше и номинацијата на Кетрин Ештон. При изборот на двајцата функционери требаше да се земе предвид и застапеноста на половите, партиите и земјите: така пандан на маж, политички конзервативец од мала земја на ЕУ, беше жена со лабуристичка заднина од економски важната Велика Британија. Критиката кај Ештон во прва линија беше насочена кон недостиг на надворешно-политичко искуство и слабо познавање на странски јазици. Наспроти Ван Ромпој, кој владее француски, холандски, англиски и германски, Ештон го владее само својот мајчин јазик.

Belgien EU Gipfel Finanzkrise Angela Merkel und Herman Van Rompuy und David Cameron
Во потрага по консензус: Ван Ромпој, Меркел и КамеронФотографија: dapd

Ограничена  лојалност

Официјалната функција на Ештон гласи „Висок претставник на Унијата за надворешна и безбедносна политика“. Таа сега ги извршува функциите на поранешниот претставник на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика и на комесарот за надворешни односи. Во основа, таа е министерка за надворешни работи на ЕУ, но не смее да се нарекува така поради одредени национални чувствителности. Позицијата на Ештон внатре во ЕУ е комплицирана. Таа носи „две шапки“, како што се вели во бриселскиот жаргон. Тоа значи дека таа не го застапува само Советот на земјите членки, туку е и прва вице-претседателка на Комисијата. Освен ова, во нејзина надлежност е европската служба за надворешни работи, која допрва се формира. Двојната лојалност енормно го стеснува нејзиниот простор за делување. Просторот за децидно сопствено мислење можеби е уште помал отколку кај Ван Ромпој. Затоа звучи банално она што има да го каже за големите конфликти во светот.

Ештон постави сопствени приоритети

Меѓутоа, таа сепак постави сопствени тематско-географски тежишта. Особено се ангажираше за мировно решение на Блискиот Исток во рамките на преговорите на Квартетот (ОН, ЕУ, САД и Русија), постојано се обидува со решение преку преговори да го одврати Иран од неговата спорна атомска програма и настојува да воспостави тесни контакти со државите од „Арапската пролет“. Во последниот период темата Сирија доби особен приоритет. Од почетокот на својот мандат Ештон се залага и за постигнување разбирање меѓу Србија и Косово и тежнее кон изградба на „стратешки партнерства“ меѓу ЕУ и земјите како САД, Русија, Кина и Индија.

Catherine Ashton und Mahmud Abbas
Блискиот исток има приорите: Кетрин Ештон и Махмуд АбасФотографија: picture-alliance/dpa

Каде е Ештон? Не знаеме!

Природата на надворешните односи на ЕУ е таква што Ештон не може да биде секаде присутна. И покрај тоа, постојано имаше критика дека претставникот за надворешни работи пропушта важни термини, се произнесува предоцна за акутни теми и минува премногу време во татковината, Велика Британија. Некогаш се чини и дека нејзините сопствени соработници не се во текот со настаните. Незаборавен ќе остане одговорот на еден портпарол на Комисијата на прашањето на еден новинар, каде се наоѓа Ештон. „Не знаеме каде е во моментов, во секој случај работи“. Но, се' на се', критиката за Ештон се намали.

„Големите“ така сакаа

За двајцата, Херман ван Ромпој и Кетрин Ештон, важи: не случајно се тие толку невпечатливи. Некои ЕУ-влади така сакаа. Пред се' големите земји и нивните шефови на влади и натаму сакаат да ја играат главната улога и не сакаат да бидат фрлени во сенка од страна на харизматични претставници на ЕУ. Мерено според ваквите посакувани ограничувања, пред се' Херман ван Ромпој успеа да направи нешто од својата позиција, додека Кетрин Ештон најверојатно ја игра улогата, која за неа ја замислија оние кои ја именуваа. Препознатливи лица во целиот свет, меѓутоа, никогаш нема да станат. 

EU-Gipfel zur Zukunft der Union
Големите сакаат да бидат во центарот: ЕУ самит во БриселФотографија: AFP/Getty Images