1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ што е убаво во Македонија, е од женски род: планина, ракија, среќа

Мануел Андрак, „Ди цајт“15 ноември 2008

Планинарењето - народен спорт во Македонија. Карти на патеки нема; нема туристи, а домашните си го знаат патот. Скопје како кулиси од филмови за Бак Роџерс (јунак од научно-фантастични филмови). Репортажа од „Ди цајт“.

https://p.dw.com/p/FuwQ
Симбол на главниот град, Камениот мост во СкопјеФотографија: DW

Над Скопје лебди крст. Стои на планината над градот, веднаш паѓа в очи. Во Скопје сум, главниот град на Македонија. Сакам да видам како е овде. Во секој случај, сакам и да планинарам. Македонија, каде се наоѓа таа? Постојано доаѓа до мала забуна, токму во време на квалификации за светското првенство во фудбал. Молдавија, Македонија, таму долу, некаде на Истокот, Балкан, нели? Македонија, всушност, не смее така да се именува, официјалната ознака е ФИРОМ, Поранешна југословенска Република Македонија. (...) Грците веќе со години кукаат дека Македонија не смее да се нарекува Македонија, оти тоа бил предел во Грција. Македонците дополнително долеваат масло во огнот и го нарекуваат аеродромот во Скопје „Александар Велики“, оти тој Александар, како што е познато, сепак беше Македонец, и воопшто, големото царство што го создаде добриот Александар сепак беше македонско, а не грчко. Тоа, пак, ги изнервира Грците, така што тие ставија вето против пристапување на Македонија во НАТО. Крај на спорот не е на повидок.

Планинарењето е предизвик

Се распрашав како и каде се планинари во Македонија. За подготовка не најдов карти со патеки за планинарење. Ме советуваа никако да не одам сам. Во Македонија има професионални водичи за да те водат низ планините. Јас го претпочитав друштвото на една приватна група планинари.

Се среќавам со Драган на подножјето на планината Водно, на која стои крстот. Драган е 29-годишен, и работи како информатичар во банка. Според изгледот би можел да биде член на некој рокерски бенд. Но, него не го интересираат гласна музика и кафулиња, тој порадо планинари. Со него и неговите пријатели сакам да се искачам на Водно и да планинарам во околината на Скопје. Се’ што е убаво во Македонија (за разлика од германскиот јазик, наша забелешка) е од женски род: планина, ракија, среќа.

Најубаво балканско циганско лето. Многумина планинари во тоа саботно утро одат угоре по тесното патче, некои пак веќе ни доаѓаат во пресрет. „Планинарење е спорт број еден во Македонија“, ми објаснува Драган. „Зошто тогаш нема карти за планинарење?“, прашувам. Драган долго размислува. „Можеби оти во Македонија речиси и нема туризам. Овдешните знаат како се оди“. - „Напросто, поголем е предизвикот“, дофрла Даниел. „Никогаш не се знае дали навистина ќе стигнеш“. Добро е, си мислам, што не одам сам. (...)

Над Македонија лебди крст

По еден ипол час стигнавме на врвот, крстот е блиску и огромен е. Го нарекуваат милениумски крст и е симбол на 2000 години христијанство. 12 столбови, кои ги симболизираат апостолите, се групирани околу четири поголеми столбови (евангелистите!), заеднички ја формираат основата за крстот.Самиот крст е 60 метри висок и во стилот на Ајфеловата кула. 33-те елементи од кои е составен ја симболизираат возраста на Исус, лифтот за посетители не работи. Тој, крстот, не е неспорен. Оти, 500 години Османлиите владееја со Македонија, во земјата се’ уште живее големо малцинство од Албанци, а Водно недвосмислено покажува: над оваа земја лебди крст. (...)

Der Mond über Mazedonien
Крстот доминира над градотФотографија: AP

Слобода за сите кучиња!

Под крстот има планинарски дом. Седнуваме на клупите и ја јадеме понесената храна. Одеднаш е тука диво куче, за да питачи. Звучи премногу смело, ау - диво куче, сигурно многу опасно. Напротив! Откако бев во Македонија сум голем љубител на кучиња - улични скитници. Никаде на тротоарите нема кучешки измети, како тие скитници многу дискретно да ги вршат таквите свои потреби. Освен тоа, овде нема лавежи. Кучињата тоа би ги оставило без основа за егзистенција. Ниеден човек не им дава ништо, ако изгледаат застрашувачки. Така треба да биде и во Германија, лишете ги од сопственоста стопаните на кучиња, слобода за сите кучиња!

Од врвот на Водно има прекрасен поглед врз Скопје. (...) Постземјотресната архитектура на Јапонецот Кензо Танге на места го прави Скопје да изгледа како кулиси од филмови на Бак Роџерс.

Кафе-муабет, ракија-муабет, планинарски муабет

Пешачиме понатаму по тесниот срт... Нашата патека е маркирана со македонските национални бои жолто-црвено-жолто. „Кој ги одбележува патеките?“, го прашувам Драган. „Планинарските друштва. Кога бев мал, и јас го правев тоа“. Се чини дека македонските планинарски друштва го немаат проблемот на престареност на членовите.

Тишината на планината е фантастична. Слушам само еден тивок инсект и птица која испушта жабешки звуци.(...) По два километра низ борови и брезови шуми, гледаме напуштени бункери со маскирни бои. Тоа било од војската забранета зона, исто така една важна причина зошто нема карти за планинарење. Нашиот пат не е многу одамна прооден, по преместувањето на воените постројки од 2001-ва до 2003-та низ шумата патролираа вооружени Албанци-востаници. Во Германија разбојник се појавува в шума само уште како фигура во куклен театар, во Македонија беше реалност до пред некоја година. (...)

На последниот мал врв од нашето одење по сртот правиме пауза. Јас сум веќе добро загреан и всушност би можел да продолжам. Но, прво ќе се разговара. На долго и на широко. „Муабет“ го нарекуваат тоа овде, слободно преведено, дрдорење. Во Македонија има кафе-муабет, муабет со ракија, муабет со пиво. А сега и муабет на планинарење. Го прашувам Драган каде уште може да се планинари во Македонија. Тој запаѓа во вистинско воодушевување. „Всушност насекаде, ама веројатно е најубаво во националниот парк Пелистер со возбудливата панорама. Се исплати и Кораб, највисоката планина во земјата, на кој може да се качува само со војничка заштита. Порано беше апсолутно забранета зона, во меѓувреме еднаш во годината има вистински народен ден за планинарење на Кораб“.

Grenzgebirge Mazedonien Griechenland
Планините се посебно богатство на МакедонијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Во Македонија секој знае некого, кој познава некого...

Пладне е, од котлината се слуша глас на оџа кој повикува на молитва. Сакаме да се спуштаме, ама никој не го знае патот, оти одамна ја напуштивме маркираната патека, за да уживаме во глетката од сртот. (...) Наскоро повторно ја наоѓаме со македонските бои маркираната патека, по која се спуштаме до долината.

Таму доаѓаме до местото Матка, нашата цел. Во длабоко засечена, романтично дива клисура се наоѓа сто години старо вештачко езеро. На еден километар зад браната се сместуваме во некој излетнички локал. Воздухот е исполнет со мирис на свежо печени кебапчиња. Пиеме Скопско, вкусно пиво од главниот град. Во соседството под стените се стуткала малечка православна црква, Свети Андреја. Во неа можат да се видат заначајни фрески од 14-от век. Премногу сум заморен за фреските, можеби наредниот пат.

Matka See in Mazedonien
Вештачкото езеро Матка кај Скопје е туристичка дестинацијаФотографија: Petar Stojanovski

На нашата цел ми стана јасно зошто планинарите обично се враќаат по истиот пат по кој дошле: кружни патеки на се вообичаени, а нема ни многу можности по една помината траса повторно да си дојдеш дома. Првата можност би била со автобус. Но, никој не знае точно кога вози тој, колку често и дали воопшто вози во сабота. Освен тоа, мора и да се оди половина час до станицата. Втората би била да се повика такси од Скопје. „него може да ти го грабне и некој друг“, претпоставува Драган. Поради тоа е најдобро ако некој познава некого во Скопје да те земе со кола. Бидејќи во Македонија секој знае некого, кој познава некого, едни по други се враќа целата група.

Кога се стемнува во Скопје, крстот на Водно е силно осветлен. Планината е црна како ноќ, не се препознава, крстот лебди осветлен над градот. Вечерва тој доби и посета, директно до него стои полумесечина со јасни контури“, се вели на крајот од репортажниот запис во неделникот „Ди цајт“.