1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се топи предноста на Борусија Дортмунд

21 март 2011

Предноста на Борусија (Д) на чело на табелата на Бундеслигата, по 27-то коло одиграно викендов, се намали на 7 бода, но има ли второпласираниот Бајер Леверкузен сили за подвиг? Јуп Хајнкес ќе биде нов тренер на Бајерн.

https://p.dw.com/p/10dIP
Бајер Леверкузен опасно и‘ се приближува на Борусија (Д)Фотографија: dapd

На седум кола пред крајот на првенството, предноста на Борусија Дортмунд се истопи на само 7 бода пред Бајер Леверкузен. Второпласираниот Бајер во неделата го совлада Шалке со 2:0 и по новиот кикс на лидерот од Дортмунд може да се надева и на титула.

„Тимот има карактер и цврстина. Видливо е дека играчите се во хармонија, не само на, туку и надвор од теренот. Првото полувреме беше извонредно, а во второто одигравме мудро за да ја зачуваме предноста“, изјави тренерот на Бајер, Јуп Хејнкес.

Bundesliga FC. St. Pauli gegen VfB Stuttgart
Фудбалерите на Штутгарт се спасуваа во последната минута од дуелот против ВолфсбургФотографија: dapd

Истото не може да се каже и за Борусија Дортмунд. Досега суверениот лидер, промаши пенал и прими гол во последните минути од дуелот против Мајнц. По мечот се водеа жолчни дискусии околу израмнувачкиот гол на гостите од Мајнц, кој беше постигнат додека играчот на Борусија, Суботиќ повреден лежеше на теренот.

„Мислам дека е дел од фер-плејот топката да се исфрли од игра во такви ситуации. Го баравме тоа и од судијата, но тој не сакаше да ја прекине играта. За нас исходот од мечот беше многу болен“, изјави репрезентативецот на Дортмунд, Свен Бендер.

Бајерн и Хановер рамо до рамо во битката за Лигата на шампионите

Ривалите за пласман во Лигата на шампионите исто така освоија по три бода. По катастрофата против Интер, Бајерн успеа да се врати со победа од 2:1 од гостувањето кај Фрајбург.

„Знаевме дека денеска ќе биде тешко, особено по поразот во вторникот од Интер. Во првото полувреме не игравме добро, но тоа и не беше важно, затоа што во изминатиот период загубивме многу мечеви во кои бевме доминантни. Во второто полувреме заигравме подобро, изградивме многу шанси и на крајот заслужено победивме, иако помалку среќно, затоа што победничкиот гол дојде во самиот финиш“, изјави капитенот на баварците, Филип Лам.

И покрај победата, Бајерн остана на четвртото место, со два бода заостанување зад третопласираниот Хановер, кој на домашен терен го совлада Хофенхајм со 2:0.

Како препороден заигра тимот на Хамбург по заминувањето на Армин Фе од тренерската клупа. Една недела по катастрофалниот пораз од 6:0 на гостувањето кај Бајерн, Хамбург го совлада Келн со 6:2.

Fußball Bundesliga Hamburger SV FC Köln
Хамбург го прегази Келн со 6:2Фотографија: dapd

„Играчите знаеја дека тоа од нив се бараше и тие мораа да покажат повеќе. Мојата задача беше тоа да го изменаџирам и им вметнам малку гордост. Сето тоа денеска вроди со плод“, изјави Михаел Енинг, кој ќе го води Хамбург до крајот на сезоната.

Само бод за Волфсбург во дебито на Магат

Се подобро игра и Вердер. По победата од 3:1 на гостувањето кај Нирнберг, стивнува и стравот од битка за испаѓање кај тимот од Бремен. И Ајнтрахт од Франкфурт конечно ја забележа првата победа во пролетниот дел од сезоната. Жртва беше Санкт Паули кој пружи голем отпор, но на крајот мораше да си замине од Франкфурт со пораз од 2:1.

Феликс Магат мораше да се задоволи со еден бод по враќањето на клупата на Волфсбург. Иако неговиот тим водеше во поголемиот дел од мечот, Штутгарт успеа да израмни во 93-та минута за конечни 1:1.

„Да се прими гол во последната минута не беше воопшто убаво. Но, се’ на се‘, не сум разочаран, туку среќен и радосен затоа што тука во Штутгарт, против еден силен тим, успеавме да освоиме еден бод“, изјави Магат.

Во петокот, последнопласираниот тим на табелата, Борусија Менхенгладбах, прокнижи уште еден пораз, овојпат пред домашните навивачи од Кајзерслаутерн со 1:0.

Тренерскиот карамбол продолжува

Fußball Europa League Leverkusen Villareal
Јуп Хејнкес на крајот на сезоната се сели во Бајерн МинхенФотографија: picture-alliance/dpa

Денеска беше и официјално соопштено дека на крајот на сезоната Јуп Хајнкес ќе си замине од Бајер Леверкузен и ќе седне на клупата на Бајерн Минхен, каде ќе го замени Холанѓанецот Луис Ван Гал. Според информациите во германските медиуми, Хајнкес, кому договорот во Леверкузен му истекува на крајот на сезонава, со Бајерн ќе потпише двегодишен договор.

На местото на Хајнкес во Бајер, пак, доаѓа досегашниот тренер на Фрајбург, Робин Дут. За ангажманот на Дут, Леверкузен ќе мора да му исплати отштета на Фрајбург од најмалку еден милион евра.

Минатата недела Шалке го отпушти тренерот Феликс Магат кој експресно се пресели во Волфсбург, а на негово место во Гелзенкирхен дојде Ралф Рангник.

Автор: Сара Фаупел/Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевскас Фиданоска