1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се раѓа ли нова, економска Југославија?

Драган Максимовиќ/ Б. Георгиевски16 јули 2013

Заедничките седници на владите на земјите од екс-Југославија се' се почести, а тие би можеле да станат основа за идниот развој на Западниот Балкан, имајќи предвид дека ЕУ не планира проширување до 2020. година.

https://p.dw.com/p/1989S
Фотографија: Makfax

Седниците на владите на Република Србија и на Република Српска до пред неколку месеци беа, речиси, единствениот регионален форум од таков вид, но на иницијатива на Белград заедничките седници би можеле да станат вообичаен вид на билатерална соработка со сите држави од просторите на поранешна Југославија. Првата земја со која Србија одржа заедничка седница беше Македонија, чии министри дојдоа во Белград на почетокот на јуни, а веќе е договорено следната седница да се одржи во Скопје.

Директорот на Форумот за етнички односи од Белград, Душан Јањиќ вели дека постои голем интерес за поголема соработка меѓу земјите од екс-Југославија. Економскиот фактор е најинтересен, вели Јањиќ:

„Кога е во прашање поранешна Југославија, Словенија и Хрватска се обидуваат да фатат чекор, но акцентот е на Србија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија бидејќи тие се носечки елемент на енергетската безбедност. Тука се работи за борба за Западниот Балкан“.

Обединување според скандинавскиот модел

Српскиот премиер Ивица Дачиќ по заедничката седница со македонската влада ја изнесе иницијативата регионот да се обедини околу заедничките интереси според моделот на Скандинавија или на Балтичките земји. Таа идеја не ја отфрлаат ни аналитичарите бидејќи сметаат дека е тоа единствена шанса за земјите од екс- Југославија.

Економистот од Загреб Дамир Новотни вели дека никој не алудира на поранешната политичка формација, туку се оди на нови концепти за развој. „Крајната цел е таа интеграција да заживее во економијата, да се создадат работни места и тие земји да се најдат во ЕУ. Тоа е целта и на ЕУ и затоа сега и се одржуваат такви седници“, вели Новотни.

Dusan Janjic
Душан ЈањиќФотографија: Zulfija Jakupi

Сите земји од просторите на екс- Југославија конечно сфатија колку се упатени едни на други и колку се малечки во однос на други земји и некои други економии, вели политичкиот аналатичар од Бања Лука, Тања Топиќ. Без разлика каков договор ќе произлезе од оваа соработка, тој нема да биде закана за ЕУ, вели таа.

„Самата ЕУ значи и регионална соработка и мислам дека тој пакт нема да биде закана за никого и сметам дека има смисол да се зајакне економскиот простор на екс- Југославија“.

Душан Јањиќ, пак, смета дека на видикот е Европа која би била составена од повеќе федерации и дека земјите од поранешна Југославија тука имаат шанса.
„Речиси е сигурно дека земјите од екс- Југославија, минус Словенија, плус Албанија, ќе се најдат во една балканска федерација 2020. Што ќе биде со Хрватска тоа зависи од неа самата, но мислам дека економските интереси ја враќаат Хрватска во рамките на ова друштво“.

Дали новата економска структура, која секако нема да биде амнестирана од политички влијанија, ќе потсетува на поранешна Југославија, би требало да биде познато откако ќе се дефинираат начинот на соработка и конкретните проекти на земјите.