1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се разгорува битката за Лигата на Шампионите

БГ/ап12 април 2013

На Бајерн Минхен во Бундеслигата му остана единствено да го подигне трофејот. Борусија Дортмунд е релативно сигурна на второто место, но вистинската битка е за преостанатите две места кои водат во Лигата на шампионите.

https://p.dw.com/p/18EjB
Фотографија: Christof Koepsel/Bongarts/Getty Images

За разлика од Бајерн Минхен и Борусија Дортмунд кои во наредниот период ќе можат целосно да се концентрираат на случувањата во Лигата на шампионите, неколку тимови во Бундеслигата се во битка за третата и четврата позиција на табелата кои гарантираат настап во најквалитетното европско фудбалско натпреварување во следната сезона.

Бајер Леверкузен има предност од четири бода пред Шалке пред нивниот меѓусебен дуел закажан за в сабота во Гелзенкирхен. Шалке се опорави по големата криза кон средината на сезоната и победи во пет од последните шест натпревари. Леверкузен победи на само еден од последните четири мечеви, забележувајќи притоа и два порази. За двата тима ова може да биде решавачки меч сезонава.

„Ова е одлучувачки меч. Доколку го сакаме третото место, мораме да победиме“, вели дефанзивецот на Шалке Жоел Матип. Кај Шалке неизвесен е настапот на десното крило Џеферсон Фарфан.

Леверкузен нема проблеми со повредени играчи, а капитенот Симон Ролфес вели дека неговите соиграчи релаксирано влегуваат во дуелот.

„Доколку победиме ќе го обезбедиме третото место. Но и доколку загубиме, мислам дека нема да ја загубиме сегашната позиција“, вели Ролфес.

29- коло вечерва го отвораат Фрајбург и Хановер, два тима со шанси за пласман во Лига Европа. В сабота Волфсбург го пречекува Хофенхајм, Хамбург гостува кај Мајнц, а Вердер Бремен гостува кај Фортуна во Диселдорф. Минатогодишниот и новиот првак, Борусија Дортмунд и Бајерн имаат релативно лесни мечеви, нагости кај Гројтер Фирт и дома против Нирнберг.

В недела Штутгарт ја пречекува Борусија Менхенгладбах, а Аугсбург ќе бара бодови за опстанок против Ајнтрахт Франкфурт.