„Се радуваме на финалето“
29 јуни 2009Во полуфиналето, германската селекција, составена главно од фудбалери кои играат во Бундеслигата, а некои веќе настапија и во А-репрезентацијата, ја совлада Шведска со 1 спрема 0. Со Англија, противникот во финалето, Германија веќе играше на ова првенство, во претходната фаза.
„Ние одигравме нерешено против Англија и бевме втори во групата, но мислам дека можеме да ја решиме задачата и веќе му се радуваме на финалето“, вели голманот Мануел Нојер, кој на пoследните средби беше и на голот на А-селекцијата на Германија. Инаку, претходниот дуел против Англија заврши 1 спрема 1, со што Англија го освои првото место во групата, а Германија обезбеди пласман во полуфиналето.
Бразил е победник на Купот на Конфедерациите
Бразил е победник на Купот на Конфедерациите, натпреварување кое беше еден вид генерална проба како за организаторите на наредното светско фудбалско првенство, така и за селекциите кои се подготвуваат за него. Од спортски аспект, изненадување е пласманот на екипата на САД во финалето, во кое дури постигна водство од 2 спрема 0 против Бразил, но не успеа да го одржи и на крајот беше совладана со 3 спрема 2. Потфрли европскиот првак Шпанија, чија рекордна серија од 15 последовни победи и 35 натпревари едноподруго без пораз, беше прекината од Американците, па на крајот како утеха дојде третото место. Селекцијата на домаќинот, Јужноафриканската република е четврта. Љубителите на фудбалот се задоволни, планот е исполнет, и покрај послабиот старт. Но, севкупно, организацијата на Купот на конфедерацијата ветува дека и светското првенство ќе помине во ред и оти скептиците ќе бидат демантирани. А атмосферата во стадионите и градовите каде се играа средбите ветува дури и незаборавен спектакл. Единствената посериозна забелешка се однесува на премногу скапите влезници, недостапни за домашните, воодушевени приврзеници на фудбалот, па Светската фудбалска асоцијација пушти бесплатни влезници.
Автор:ЗЈ/ЕМФ/дпа/цдф/дв
Редактор: Жана Ацеска