1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се преговара за името, а не за идентитот

Александар Чомовски18 април 2008

Посредникот во спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, е задоволен што доби согласност од македонските лидери за продолжување на преговорите. Се работи за спор околу името,а не за идентитетот, рече Нимиц

https://p.dw.com/p/Dk9W
Нимиц во СкопјеФотографија: Macedonian Information Agency

Досегашниот џентлеменски договор меѓу Атина и Скопје за време на избори да нема преговори, очигледно ќе биде прекршен. На САД, на некои европски земји и на Македонија им се брза, изјави во Скопје медијаторот Метју Нимиц.

Задоволен сум што од македонските лидери добив согласност да продолжат преговорите, сега не можам да предложам решенија, рече Нимиц, изразувајќи надеж дека до решение би можело да дојде до први јули. Дали и од Атина ќе се врати со вакви оптимистички оценки, ќе се види по неговите денешни разговори со грчкиот преговарач Василакис и со министерката за надворешни работи Дора Бакојани.

Најкуси средби досега

Нимиц за првпат во Македонија имаше одделни посети кај претседателот и кај премиерот. Во владиниот кабинет го немаше македонскиот преговарач во спорот, амбасадорот Никола Димитров, по острите критики што на негова адреса по телевизиските изјави ги упати премиерот. Димитров беше кај претседателот Бранко Црвенковски, каде се појави и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.

Средбите на Нимиц со владино- државниот врв беа куси, но не попушти интересот на грчките новинари. На нивното прашање дали Грците го произнаваат идентитетот на Македонија, Нимиц дипломатски по куса пауза и насмевка изјави дека нема да одговори на ова прашање, зашто не е релевантно. Но, тој потврди, предмет на разговорите е името, не гледам дека е во игра прашањето на идентитетот, има дилема за името, не за идентитетот. Никој не ја предизвикува промената на идентитетот на овие луѓе овде, одговори Нимиц на прашањето дали новата рамка или име ќе го загрозат македонскиот идентитет. Прашањето за името го задржува регионалниот напредок и претставува ризик.

Мислам дека и Грција има потреба на својата северна граница да има пријателски сосед, рече Нимиц по најкусите средби досега во Скопје, од каде замина за Атина.

Нимиц во Скопје инаку го дочека порака и демарш- македонската влада протестираше до Атина поради забраната за прелетите на МАТ, македонската авиокомпанија, во чие име стои зборот Македонија. Во Скопје пристигна и писмо порака од британскиот премиер Гордон Браун до премиерот Груевски. Велика Британија е разочарана што Македонија не доби покана за НАТО. Вие ги исполнивте критериумите и требаше да добиете покана.