Се’ почести заканувачки видео-снимки на германски јазик
17 март 2009Секогаш, кога ќе се појави нова видео-снимка со терористичка закана на германски јазик, експертите од Сојузната служба за борба против криминалот ја анализираат со посебно внимание. Такво нешто се случи пред речиси две недели, кога на интернет можеа да ја слушнат следнава закана:
„Одлучете се конечно за живот по смртта, отфрлете ги ниските работи.“ Вака почнува последната видео порака на германски јазик, во која двајца мажи повикуваат на терористички напади. Сојузната служба за борба против криминалот, за германската национална телевизија „АРД“, потврди дека снимката и била позната уште од крајот на февруари, дека е евалуирана и оти ќе биде земена предвид при проценката на општата безбедносна ситуација. Лицата најверојатно се браќа со германско-мароканско потекло од Бон.
Но, ова не беше прва видео закана на германски јазик годинава. Во јануари се појави следнава порака: „Да се дигнам во воздух во името на Алах ми е желба уште од 1993 година.“ И ова лице им е познато на властите - Абу Тала наречен „Германецот“. Постои можност тој да бил и поранешен член на терористичката група Ал Каеда.
Видео снимките потекнуваа од граничната област меѓу Пакистан и Авганистан
Двете видеа, според Сојузната служба за борба против криминалот се создадени во пакистанско-авганистанската погранична област, таму каде што Талибанците и терористите на Ал Каеда се повлекуваат откако ќе ги извршат нападите, и кадешто се наоѓаат логорите за обука на нови регрути.
Стотици мажи со скриени лица седат на земја, подготвени да умрат, таква е пораката за борбата против - како што велат - неверниците од Западот. И оваа видео снимка потекнува од пограничната област меѓу Авганистан и Пакистан. Тоа не е случајно, смета експертот Ахмед Рашид: „Сите големи терористички напади во целиот свет се поврзани со граничната област меѓу Авганистан и Пакистан. Сите учесници одреден период биле во Пакистан.“
Пропаганда или сериозна опасност?
Дали ваквите видео пораки се во прв ред пропаганда и фалење, или вистинска опасност, што треба сериозно да се сфати? Според Сојузната служба за борба против криминалот, Германија се наоѓа на листата на исламските терористи, но, во моментов нема конкретни индиции за можни напади. Но, терористите од германското јазично подрачје постојано се обидуваат да ја стават германската влада под притисок, годинава кога претстојат и парламенетарни избори.
Исто како и во видеото од јануари. „Доколку Германците, што мислам дека не е така, лекомислено и наивно сметаат, дека третиот по големина контингент со трупи во Авганистан ќе мине без последици, тогаш германските политичари во Бундестагот за жал се на погрешно место.“ Праксата сепак изгледа поинаку. Германската сојузна влада неодамна донесе одлука, на лето да испрати дополнители 600 војници на Хиндукуш.