1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се поправа имиџот на Германија кај Британците

Анја Киперс/ Симе Недевски14 мај 2013

Британците со децении ги презираа Германците како нација опседната со колбаси и без смисол за хумор. Но, овие негативни клишеа почнаа да се менуваат, па Германците во Британија стануваат малку поомилени.

https://p.dw.com/p/18X06
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Хитлер“, одговорила една британска госпоѓа во близината на подземната метро станица „Бејкер Стрит“ во Лондон, кога ја прашале на што прво помислува кога ќе слушне Германија. „Навистина?“ ја прашал понатаму новинарот. Таа ги спуштила рамењата и си заминала.

Така со години по Втората светска војна многу Британци ги доживуваа Германија и Германците, често дури и со иронични тонови. И Гермаците и Британците добро го знаат потсмевливиот израз "Don´t mention the war" (Не споменувај ја војната) како и карикираното марширање на Хитлер кое го смисли Џон Клис во комедијата на телевизијата ББЦ (Би-Би-Си) "Fawlty Towers". За многу Британци потсмевањето со пруско-германското воено минато е чиста традиција, а при тоа всушност многу малку знаат за модерна Германија.

„Типично“, вели Питер Вотсон, британски автор и новинар кој опширно пишувал за германската култура и за германските општествени науки. „Неодамна во еден британски таблоид е објавен текст од еден историчар во кој пишуваше: ’Германија конечно го постигна она што го сакаше: доминира со Европа со царицата Меркел’. Тоа е многу жално гледиште“, забележува Ватсон.

Peter Watson
Питер ВотсонФотографија: Bert Hulselmans

Времето на нацизмот во фокусот на наставата по историја

Во својата книга „Германски гениј: „Духовна и културна историја од Бах до Бенедикт Шеснаесетти", Ватсон споменува еден годишен извештај на британската „Канцеларија за квалификација и за наставна програма“ од 2005 година. Оваа Канцеларија нарачала извештај за англиските наставни планови. Авторите на извештајот со вчудовидување откриле дека на нормалната настава по историја во Велика Британија „на големо доминира Хитлеровото време“. Во една анкета спроведена во Велика Британија во 1977 година со прашањето дали може „нацизмот или нешто слично“ повторно да се разбуди во Германија, 61 процент од испитаниците одговориле со „не“, а 23 проценти со „да“. Во истата анкета спроведена подоцна, 1992. година, 53 проценти од испитаниците одговориле со „да“, а 31 процент со „не“.

За жал, негативното расположение на Британците поради германската улога во Првата и во Втората Светска Војна толку многу е раширено, вели Ватсон, што само мал број од нив знае нешто за културниот придонес на Германија или за некоја подлабока поврзаност меѓу овие две нации.

Промена во 2006 година

Но иако ова негативно расположение и натаму е присутно, фудбалот оваа негативна слика за Германија сепак многу ја поправи. Светското фудбалско првенство во 2006 година во Германија  беше клучно за тоа. „Луѓето видоа дека во Германија можат исто така да се забавуваат и дека не мора секој фудбалски натпревар да се гледа како да се води војна“, вели Вотсон.

Martin Roth
Мартин РотФотографија: Peter Kelleher

Сега дури и традиционално критички настроените британски медиуми почнаа да пишуваат и по нешто убаво за Германија. На насловната страница на едно од последните изданија на "The New Statesman", конзервативно британско списание, со тираж од 250 илјади примероци, стоеше прашањето: „Зошто не можеме да бидеме малку послични на Германија?“

Професорот Мартин Рот, Германец, е директор на Музејот Викторија и Алберт, институција која не може да биде повеќе британска отколку што е. Тој смета дека постои причина поради која Британците се толку долго скептични во однос на Германците: „Мислам оти Германија страда од одреден комплекс и тогаш постојано труби: ’Ние сме најдобри, најголеми и најбрзи’ и мислам дека на другите често им е тешко да го прифатат таквото однесување“, вели Рот.

Филип Дамен, менаџер во Лондон, истотака Германец, смета дека неговите сонародници не треба да ги земаат пресериозно британските провокации: „Германците се навистина често многу сериозни и често сами себеси се сфаќаат премногу сериозно“, вели тој. „Но знаете, не сме само ние на тапет- и другите се. Сигурно веќе сте слушнале што тука зборуваат за Французите.“