Се подобрува ли состојбата во училиштата во Македонија?
1 септември 2013За училиштето велат дека е втор дом за учениците - топол и убав, но многу училишта во Македонија изградени пред неколку децении повеќе прилегаат на хорор зграда, наместо топол дом.
Пример за таква негрижа од надлежните со години е сто години старото училиште во Башино Село, на само неколку километри од Велес, а кое е подрачно училиште на централното основно училиште „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Училиштето се распаѓа, има руинирана фасада, а влага има насекаде во објектот. Фасадата пред неколку години е санирана, но само на предната страна. Од задната страна сликата е катастрофална, а најголемиот проблем во објектот е што нема тоалет. Тој се наоѓа надвор од него. Училиштето е со слаба електрична инсталација, поради што владините компјутери, наместо во употреба, стојат заклучени во една од училниците.
Еден од 45-те ученици, колку што минатата година учеле во ова училиште, кое е од прво до петто одделение, за ДВ разочарано ни појаснува:
„Кога врне ни капе од дотраениот покрив, а и не' ни даваат да работиме на компјутерите кои ни стојат заклучени поради, како што ни појаснуваат наставниците, слабата електрична инсталација. Но, најлошо е што немаме тоалет во објектот, туку мораме да одиме надвор од него“.
Револтирани се и родителите на учениците.
„Моето дете учеше таму. На родителските средби често прокиснуваше таванот. Училиштето се реновираше пред неколку години, но тоа беше само шминка на дел од фасадата, а условите за настава останаа исти. Затоа бараме итно да се реновира, а многу од родителите веќе се закануваат дека ќе ги отпишат децата и ќе ги запишат во велешките училишта“, нагласува родителката Донка Минова.
Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев, за разлика од родителите и децата, гледа поинаку на состојбите во ова училиште.
„Таму не е толку алармантна ситуацијата, а скоро пред неколку години училиштето е реновирано. Иако има некои мали проблеми, ние ќе ги отстраниме“, изјави Чадиев за Дојче веле.
Во училиштето во село Сливник, кое е подрачно на централното основно училиште „Васил Главинов“ од Велес, по реакцијата на родителите кои се закануваа со бојкот на наставата, поради тоа што во објектот нема вода и тоалет, работите почнаа да се менуваат. Тоа се случи по посетата на заменик-министерот за образование Сафет Незири.
„Училиштето преку ноќ не може да се реновира, но тоа ќе влезе во програмата за реконструкција на училиштата за 2014 година и ќе биде доградено“, изјави Незири.
Во писмената изјава на Министерството за образование и наука, дадена за Дојче веле, се појаснува: „Во врска со училиштето во село Сливник, покрената е постапка за планската документација да влезе во програмата за реконструкција на училиштето за 2014 година и во соработка со Општина Велес договорена е доградба на објектот и негова реконструкција“.
Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев за Дојче веле изјави дека работите околу изградбата на тоалетите била пред крај и оти тие ќе биле готови пред утрешниот почеток на училишната година.
„Во моментов во завршна фаза се работите околу изградбата на тоалетите и поставување на чешми за вода во училиштето и сето тоа ќе биде готово до почетокот на новата учебна година“, дециден е Чадиев.
Ваква или слична е состојбата со уште неколку училишта во некои од регионите во Македонија, посебно во селата и планинските тешко достапни предели. Од Министерството за образование и наука ветуваат дека „истите постепено ќе бидат вклучени и реновирани во програмите за реновирање за 2014 или наредните години“.
Еден од приоритетите на Владата - училиштата
Во писмениот допис на Министерството за образование и наука (МОН) до Дојче веле уште се појаснува:
„Еден од приоритететите на Владата на Република Македонија и МОН е унапредување на македонскиот образовен систем во целост, вклучувајќи и унапредување и модернизација на образовната инфраструктура. Податоците говорат дека од 2006 до 2013 година, буџетот на министерството е зголемен за 60 проценти, а најголем дел од средствата се наменети за реконструкција на постоечките, но и изградба на нови училишта“.
Според министерството, „тоа е инвестиција во повеќе од 20 училишни објекти“.
„Нови училишта се градат во Општина Аеродром, Чаир, Арачиново, Шуто Оризари, Вевчани, Сарај... Во многу училишта се вршат и тековни санкции, како промена на покривни конструкции, врати, прозорци, подови и тоалети“, велат од МОН за Дојче веле.
Инаку преку медиумите неодамна беше објавено дека со владиниот проект за реконструкција, изградба и доградба на училиштата се опфатени 64 објекти. За нив државата издвоила 11 милиони евра. Градежните зафати ќе се одвиваат во фази, а проектот ќе финаншира следната година.