1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ повеќе странци студираат во Германија

Хендрик Хајнце / Александар Методијев30 септември 2012

Повеќе од 38.000 странци успешно ги завршиле своите студии во Германија во 2011-та година, толку многу како никогаш претходно. Странските студенти во некои работи можат да бидат и подобри.

https://p.dw.com/p/16DNS

Ешли Хајинг Ву доаѓа од Шангај. Таа студирала и во Кина, по што работела и во фирма за електроника. По некое време добила можност за учество на германски курс во Фрајбург. Тогаш Ву одлучила уште еднаш да студира, но овојпат во Германија - индустриско инженерство и деловно право за технолошки компании на Бранденбуршкиот технички универзитет во Котбус.

Во меѓувреме, Ешли Хајинг Ву работи како инженер за истражување на квалитетот и заштита на податоците во кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“.

„Имам среќа што учев техника, економија и право во Котбус. Тоа ми помогна во професијата. Ние сме кинеска компанија, но секој ден имаме работа со германското законодавство и германските норми. Моите студии беа одлична основа за тоа“, вели Ешли Хајинг Ву.

Ashley Haiying Wu
Ешли Хајинг ВуФотографија: privat

Двојно повеќе странски апсолвенти од 2004-та

Се’ повеќе странци го прават истото како неа – се запишуваат на германски универзитети, студираат и полагаат испити. Дури 38.332 странци во 2011-та година успешно ги завршиле студиите во Германија, а тоа е како никогаш претходно и е двојно повеќе од 2004-та година, а четирипати повеќе од 1996-та година.

Некои од нив во Германија дошле пред да матурираат или, пак, се тука родени, но се државјани на други држави. Тие во последното истражување на германскиот Завод за статистика се вброени во групата странци.

Секоја десетта универзитетска диплома ја добива странец

Но, најголемиот дел од овие луѓе сепак се дојдени во Германија за да студираат. Рекордери се Кинезите со речиси 5.000 дипломирани студенти. Голем дел од странските студенти се од Турција, Русија и Полска. Камерун со повеќе од 700 дипломци исто така спаѓа во топ 20-те. Дипломирале и една студентка од Малта и по еден студент од Коморските острови и Фиџи. Секој десетти кој во 2011-та година добил универзитетска диплома во Германија бил странец. Германија со своите 390 високо-школски установи е едно од омилените места за студирање.

„Регрутирање“ во Сингапур и Сао Паоло

Серен Мец, покрај мајчиниот португалски, го користи и германскиот јазик. Овој 32-годишник живее и работи во Сао Паоло како лице за контакт со Техничкиот универзитет во Минхен. Мец и неговите колеги во Пекинг, Мумбаи, Сингапур и наскоро во Њујорк сакаат да привлечат странски студенти во главниот град на Баварија. Тој го претставува универзитетот на саеми за високо образование, како и на меѓународни училишта низ земјата.

Sören Metz von der TU München in Sao Paulo
Серен МецФотографија: privat

Германските факултети за инженерство се многу ценети во Бразил, вели Мец. Но, оние кои сакаат да студираат во Германија мораат најпрво добро да го владеат германскиот јазик.

„Тоа се менува во основа доколку се студира во Германија на постдипломски студии. Многу голема е понудата на постдипломски програми, кои можат да се завршат целосно на англиски јазик. Тоа е случај и со Техничкиот универзитет во Минхен, но и со останати универзитети, без оглед дали се работи за постдипломски или, пак, класични докторски студии“, вели Мец.

Тој и неговите колеги својата работа ја нарекуваат „регрутирање“. Но, нивната цел не е само да го направат Минхен привлечен за Бразилците, туку и обратно. Понекогаш тој на скептичните граѓани на Минхен мора да им објаснува дека Бразилците во некои работи можат да бидат подобри од нив, на пример, можат да работат во полоши услови или нудат поинаков поглед на нештата.