1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се откажува ли Кина од германската нуклеарка од Ханау?

28 април 2004

Спорната продажба на атомската централа од германски Ханау на Кина доживува нов “драмски заплет“

https://p.dw.com/p/AeRR

Според портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи преговорите околу зделката се прекинати и премиерот Вен Џијабао нема да ја спомне при неговата посета на Берлин на почетокот од идната недела. Официјален Берлин пак има поинакво мислење:

“Станува збор за изјава на кинеската страна, што ја примивме со интерес, но од наша страна постапката не се води како завршена. Јас, како министер задолжен за проверка на зделката, не би сакал понатаму да го коментирам актуелниот разој“ - изјави вчера во Берлин, шефот на германската дипломатија Јошка Фишер.

Во слична насока на натамошна отвореност за продолжување на преговорите оди и изјавата на шефот на владеачката социјалдемократска партија на Германија, Франц Минтеферинг:

“Останува на она што и порано го зборувавме. Ако не сакаат, тогаш не сакаат, но ако сакаат, тогаш зделката би била изводлива!“

Проблемот е во чувствителноста на кинеското раководство на лавината критики што се придвижи во германското јавно мнение околу зделката со атомската централа за Кина. Официјален Пекинг очигледно не сметаше со толку бурна реакција и особено е погоден од обвинувањето дека нуклеарката би можела да се користи и во воени цели. Воено користење на централата е исклучено, нагласи портпаролот на кинеската влада. Кина се чувствува обврзана кон договорот за нуклеарно разоружување и нема интерес за воена употреба на атомската постројка од Ханау, посочи и шефот на дипломатијата Ли Жаоџинг.

Се чини дека раководството во Пекинг премолчно капитулираше под притисокот на германското јавно мнение и сега е уште и навредено згора на тоа:

“Обете страни имаа првични контакти за да разговараат за продажба на централата. Ако тие треба да бидат продолжени, тогаш Кина сака сето да се одвива на транспарентен начин и на взаемна корист“ - порача заменик шефот на кинеската дипломатија Жанг Јесуи при минататонеделната посетата на Берлин, која служеше како подготвка за доаѓањето на премиерот Вен Џијабао на почетокот од наредната недела.