1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се намалуваат македонските азиланти во Западна Европа

АМ/миа11 април 2012

Македонското и баварското МВР ја засилуваат соработката против криминалот, корупцијата, трговијата со луѓе, проституцијата, детската порнографија, интернет криминалот и нелегалната продажба на оружје и дрога.

https://p.dw.com/p/14bhn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и првиот човек на Баварското министерство за внатрешни работи Јоахим Херман, денеска во Скопје потпишаа декларација за соработка.

„Овој договор значи и унапредување на соработката во делот на форензичката наука, меѓународната трговија со историски и културни добра и спречувањето на сите злоупотерби поврзанисо тоа“, изјави Јанкулоска по потпишување на декларацијата. Таа информира дека е иницирано и прашањето за заемно признавање на возачките дозволи.

Bayerischer Innenminister Joachim Herrmann
Министерот за внатрешни работи од Баварија Јоахим ХерманФотографија: picture-alliance/Sven Simon

Министерот Херман потенцира дека Баварија е најбезбедна покраина во Германија со најмала стапка на криминалитет.

„Го поддржуваме патот кон членство на Македонија во ЕУ, но мораме да се грижиме и за задржување на безбедноста што ја имаме во Баварија и токму поради тоа соработката со Македонија е важна“, изјави Херман.

Заеднички е констатирано дека бројот на азиланти од Република Македонија во западноевропските земји, особено во Баварија, бележи благ пад. Одговарајќи на новинарско прашање како ги оценува напорите на македонската Влада во однос на справувањето со лажните азиланти, баварскиот министер посочи дека сите оние кои во 2010-та година влегле во Германија создале дополнителни грижи.

„Македонија направи напори за справување со овој проблем, така што билансот од минатата година покажува дека бројот на лажните азиланти кои влегле во Германија е повеќе од преполовен. Тоа значи дека напорите на Владата на Република Македонија вродуваат со плод“, истакна Херман.

„Ќе продолжиме да работиме со ист интензитет, како што тоа го правевме и во изминатата 2011-та година, кога Република Македонија како одговор на проблемот што се појави презеде низа мерки и во делот на превентивата, но и во делот на репресивното делување“, изјави Јанкулоска претходно во текот на денот, по завршувањето на регионалната конференција за Декадата за инклузија на Ромите 2005 - 2015 година.

Gordana Jankulovska Innenministerin Mazedoniens
Македонската министерка за внатрешни работи Гордана ЈанкуловскаФотографија: DW

Освен информирањето на населението на терен, Јанкуловска укажа дека се направени и одредени измени во законската регулатива, при што се предвидени построги санкции за оние кои ќе ја злоупотребат визната либерализација, меѓу кои и одземање на патната исправа, ако се утврди дека лицето врши злоупотреба, како и повеќегодишна казна затвор за оние кои се јавуават како организатори на групите „лажни азиланти“.