Се истражува што снимила камерата на Шумахер
4 јануари 2014Анонимен полициски извор информира дека камерата е земена со цел да се расчистат околностите на несреќата на седумкратниот светски шампион во Формула 1. И 14-годишниот син на Шумахер, Мик, кој бил со својот татко во моментот на падот, бил испрашан од инспекторите.
Додека полицијата се обидува да ги открие причините за несреќата, која се случи на 29 декември, Шумахер и натаму лежи во кома во болницата во Гренобл. Нему вчера му беше 45-от роденден. Додека сопругата Корина, двете деца-тинејџери, таткото Ролф и братот Ралф беа крај неговиот болнички кревет, надвор од болницата се собраа бројни фанови на Шумахер. Тие го одбележаа неговиот роденден со тивко бдеење пред болницата. Настанот делумно беше организиран од Ферари, поранешниот тим на Шумахер. Фановите беа повикани да се појават пред болницата во боите на Ферари.
На Шумахер му беа извршени две операции на главата по несреќата. Иако во моментите кога бил пренесуван со хеликоптер од местото на несреќата до болница бил во свесна состојба, кратко потоа тој падна во кома. Тоа и го попречува неговиот транспорт од болницата во Гренобл. Тој и натаму се наоѓа во стабилна, но критична состојба.