1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ зависи од македонската политика!?

9 ноември 2010

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски е во Берлин. Тој уште еднаш слушна дека Германија и натаму ќе ја поддржува Македонија на евроатлантски пат, но спорот со името не смее да биде алиби за неспроведување на реформите.

https://p.dw.com/p/Q2fm
Бранко Црвенковски го слушна веќе слушнатотоФотографија: MIA

Германија и натаму го поддржува проширувањето на ЕУ, а во рамките на тоа и интеграцијата на Македонија не само во ЕУ, туку и во НАТО. Но, не смее да се заобиколи ниту чувството на замор и скептицизам кон новите членки што е резултат на искуствата од последното проширување и економската криза. Ова, меѓу другото, на социјалдемократот Бранко Црвенковски му го пренесоа соговорниците од германската власт и опозиција, кои синоќа и денес (08 и 09.11) му беа соговорници во Берлин:

„Најпријателската порака која можевме да ја слушнеме е дека треба од наша страна да се направи се’ за да не се даде повод тој скептицизам да најде алиби, објаснување или оправдување зошто Македонија да не продолжи на патот кон членството во ЕУ и НАТО. Од наша страна треба да се демонстрираат такви резултати кои ќе ги одземат сите аргументи на оние кои се евро-скептици кон процесите на проширувањето на ЕУ и НАТО”, изјави за Дојче Веле Бранко Црвенковски, забележувајќи дека на сите средби станало збор и за влијанието на спорот со името со Грција.

Gernot Erler im Interview mit der Deutschen Welle
Загрижен поради блокадата на интегративниот процес - Гернот ЕрлерФотографија: Anila Shuka

Не е направено доволно!

„Ја изразив мојата загриженост дека процесот не оди нанапред и дека постои блокада поради спорот со името. За жал, кажав дека сега во Европа и Америка постои впечаток дека во Скопје не е направено доволно оваа бариера конечно да се надмине“, коментира за ДВ Гернот Ерлер, шеф на фракцијата на германските социјадемократи во Бундестагот, според кого лудост е да се очекува дека Германија или некој однадвор можат да го решат спорот, иако Германија секогаш барала омекнување на грчкиот став.

„Исто така ни‘ беше соопштено, а тоа и самите добро го знаеме, дека тој спор на никој начин не смее да се користи како оправдување за неспроведување на реформи или уште повеќе за влошување на состојбите во одделни битни области како судството, администрацијата, медиумите, економската ситуација, социјалата и.т.н“, дополни Црвенковски.

На прашањето на ДВ упатено до Ерлер - дали спорот околу името може да трае до недоглед и Македонија да остане слепо црево во Европа, тој одговара:

„Тоа зависи од македонската политика. Мора сега да дојде до раздвиживање во цврстата позиција на спорот. Тоа е одговорност на македонската политика“, коментира Гернот Ерлер.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска