1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ е добро додека не се замешаат политичарите

28 февруари 2010

Во Данска се водат дискусии за потребата од воведување настава по ислам во училиштата, покрај постојната за католичка и протестантска религија. Натпартиски консензус: Данска е христијанска земја со западни вредности.

https://p.dw.com/p/MD3i
Младите не прават разлики меѓу своите пријателиФотографија: picture-alliance/ dpa

Во училиштата во секојдневието без проблеми функционира она што на прв поглед изгледа како провокација за другите конфесии, барем се‘ додека не се вмешале политичарите. Тоа го покажува примерот со училиштето Холберг во Копенхаген каде околу 20 проценти од учениците имаат муслиманско потекло.

Училиштето се најде на ударно место во медиумите зашто неодамна организираше родителска средба само со мајките. Политичарите беа вџашени. Претседателот на партијата на Зелените, Вили Совндал се почувствува обврзан на критика на иницијативата: „Тоа е апсурдно, ние во училиштата воспитуваме на демократија и рамноправност. Никој не треба да се приклонува на реакционерните претстави дека мажот и жената не смеат да седат во иста просторија.“

Торпедирање на напорите за интеграција

Притоа, проблемот не беше во еднаквоста меѓу мажите и жените, туку обид муслиманските мајки да се вклучат во училишното секојдневие на своите деца, иницијатива што ја поддржа и министерството за интеграција. Но, тука е клучот, истакнува наставничката Јане Хјулманд Колдинг, данските политичари се‘ почесто шуруваат со популизмот, гонат духови кои во реалноста ги нема, торпедирајќи го ангажманот за интеграција на муслиманските ученици: „Ислам и исламизација, тоа е хистерија, нашите ученици тоа воопшто не ги засега. Возрасните во исламот гледаат нешто туѓо и шират стравови. За децата не постојат разлики, своите пријатели не ги категоризираат според потеклото, бојата на кожата или верата.“

Muslime in London Junge und Koran
Фотографија: AP

Наставничката Јане во училиштето работи 14 години, предава дански и христијанска религија. Предмет во кој муслиманските ученици постигнуваат успех исто како и оние со христијанска вера: „Се разбира, учиме и за туѓите религии и го бараме она што е заедничко, наместо постојано да ги потенцираме само разликите. Тоа често им ги отвора очите и на муслиманските ученици, откриваат дека христијаните не им се толку туѓи, дека нашите религии дури имаат и исти корени. Исламот пак е тема во сите наши предмети.“

Со дијалог против стравовите

Наместо политизирање и распламтување на спротивностите, подобро е соочување со проблемите онаму каде ги има. По правило, тоа е можно кога постои желба од двете страни, особено кога и учениците и родителите ќе бидат вклучени во одлуките. Внимателното слушање и дијалогот се алтернатива за прераното донесување судови и зацврстувањето на предрасудите.

Ова мислење го дели и надлежниот министер за образование, порано и за интеграција, Бертел Хаардер: исламот е реалност, не се потребни стравови од него. „Се разбира, релевантно е на учениците да им се дадат основни знаења-што е исламот, кои се разликите и сличностите меѓу исламот, еврејската и христијанската религија. Денес тие се фундаментални прашања.“

Очигледно, во данската политика постојат добри желби и намери. Иако, се чини дека наставата во ислам во јавните училишта во Данска уште со години ќе биде незамислива.

Автор: Марк Кристоф Вагнер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска