Се гаси светлото за класичната светилка
1 септември 2012Класичната светилка претвора само пет проценти од потрошената електрична енергија во светлост. Затоа уште во 2009-та година беа забранети оние од над 75 вати, потоа тие од 60 и 40 вати, за сега на ред да дојдат и светилките од 25 вати.
Тогаш, како да се осветлат становите и канцелариите? Експертите во Германија тестираа халогени ламби, т.н. штедливи гасни светилки и светлосни диоди. Најдобри оценки добија светлосните диоди. Причината е што не се штетни за околината, траат долго, веднаш по вклучувањето даваат добро зветло и трошат малку струја – до 90 проценти помалку од обичната светилка. Тие навистина засега се скапи, но векот на траење им е за 25 пати подолг од оној на обичните светилки.
Внимателно со отровната жива
Цената на светлосните диоди годишно паѓа за околу 30 проценти. Денес таа чини околу 20 евра, но се проценува дека до 2020-та година ќе падне до три евра. Штедливите гасни светилки трошат малку повеќе енергија од диодите, но даваат полошо светло од светилките и диодите, а потребно им е и одредено време пред да почнат да светат со полна сила.
Проблематично е и тоа што тие во себе содржат отровна жива. Во случај да се скршат, експертите препорачуваат веднаш да се отворат прозорците, да се напушти просторијата, а остатоците да се соберат дури по полчасовно проветрување и да се фрлат во посебен отпад.
Со забраната за класични светилки ЕУ сака да ја смали потрошувачката на електричната енергија за еден процент. Тоа на нивото на Унијата одговара на количината којашто ја произведуваат десет термоелектрани. Забрана за класичните светилки веќе постои во некои земји. Во САД, Австралија, Бразил, Филипини, Кина и Индија таа веќе е на сила или, пак се планира.