Се’ во знакот на Марко „Ролс“ Ројс и „сењор тор“ Раул
19 декември 2011Германскиот репрезентативец Марко Ројс докажа дека е најголемото откритие на есенскиот дел од сезоната во фудбалската Бундеслига. Тој по кусата пауза се врати во тимот, а со тоа го врати и успехот на Борусија од Менхенгладбах по поразот во претходното коло од Аугсбург. По залечувањето на повредата на ножниот прст Ројс натпреварот против Мајнц го започна релативно воздржано, но како што одминуваше времето се’ повеќе ја заживуваше играта на својот тим. Конечно тој го „намести“ голот на Патрик Херман за минимална победа, што значеше и најуспешен настап во есенскиот дел од сезоната за тимот од Менхенгладбах по многу години, пишува „Шпигел онлајн“.
Нервозниот Рибери
Медиумите слично како и навивачите на Шалке пак се воодушевени од „сењор тор“. Оваа пофална кованица од шпански и германски што значи „господин гол“, е наменета за 34- годишниот Раул кој во дербито против Вердер Бремен со хет-трик придонесе за убедливата победа од 5:0. Договорот на Раул со Шалке истекува на крајот од сезоната и редовно по вакви настапи се подгреваат надежите дека тој ќе остане во тимот уште некоја сезона, иако дарежливи понуди од арапскиот свет за негов ангажман се веќе на маса. Со победата бранителот на Купот, Шалке во трката за нов шампион на Бундеслигата е само на чекор зад Бајерн Минхен, кој ја освои неформалната титула есенски првак, по победата над Келн на домашен терен со 3:0. Бајерн славеше и покрај тоа што играше со играч помалку околу две-третини од натпреварот. Поради непрофесионално и насилно однесување од игра беше исклучен Франк Рибери. Одговорните во Бајерн и покрај победата се лути на ѕвездата на тимот и бараат од него да ги заузда нервите.
Заврши битката во кал во Херта
Со последното есенско коло во Бундеслигата падна и решението на мачната борба за власт во новајлијата во лигата Херта, коментираат германските медиуми. Маркус Бабел повеќе не е тренер на клубот. Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека „неговата кратка ера во Херта се претворила во недостојна битка во кал“. Ситуацијата во екипата одамна не е во ред, Херта нема победено во последните шест натпревари, а кавгите не престануваа. Сега се очекува именување на нов тренер кој треба да ги оддржи берлинчани во најсилната класа.
Инаку љубителите на фудбалот во Германија пред почетокот на божикните празници и долгата зимска пауза ги очекуваат уште и возбудувањата во осминафиналето на купот. Утре се играат натпрерите Бохум- Бајерн Минхен, Нинберг-Гројтер Фирт, Фортуна Диселдорф- Борусија Дортмунд и
Хофенхајм- Аугзбург додека во среда на програмата се мечевите Херта-Кајзерслаутерн, Кил- Мајнц, Борусија Менхенгладбах- Шалке 04, Штудгарт-Хамбургер.
Автор: Симе Недевски/сид/дпа
Редактор: Александра Трајковска