1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се видоа, а ново не си кажаа

21 јануари 2011

Во Јасен заврши средбата на претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ-Никола Груевски, на СДСМ-Бранко Црвенковски, на ДУИ-Али Ахмети и на Нова демократија-Имер Селмани. Спектакуларни резултати нема.

https://p.dw.com/p/QuMq
Ѓорге Иванов ги собра лидерите на партиитеФотографија: Petr Stojanovski

На средбата, како што изјави по нејзиното завршување претседателот Иванов, се расправало за надворешно-политичките приоритети на Македонија, со акцент на интеграциите во НАТО и ЕУ и спорот за името, за препораките и приоритетите од Извештајот на Европската комисија, за одбележувањето на двата важни годинашни јубилеја - две децении од назависноста и 10 години од Рамковниот договор, како и за одржувањето на претстојниот попис.

За прашањето за името, кое, како што рече Иванов, веќе две децении оптоварува и се користи за блокирање на македонските евро и евроатлантски интеграции, на средбата биле разменети мислења и споделени информации за актуелностите во спорот.

Премиерот Никола Груевски ги информирал за средбите со неговиот грчки колега Јоргос Папандреу. Иванов најави дека за прашањето за името ќе расправа и државниот врв на средба на која амбасадорот Зоран Јолевски ќе информира за евентуално нови моменти во пресрет на средбата со посредникот Метју Нимиц и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис, на 9 февруари, во Њујорк.

Прашан за македонската позиција за името, шефот на државата нагласи дека таа е позната и секаде искажана, односно оти решението теба да се бара во рамките на ОН и усвоените резолуции.

„Секое излегување од таа рамка, посегнување по нашиот идентитет, отворањето на прашањето за името и за нашиот јазик, на некој начин го попречува наоѓањето решение. Затоа ние секогаш на Нимиц му ги кажуваме нашите ставови дека мора да се држиме во рамките на резолуциите на ОН и тогаш е можно да се најде заемно прифатливо решение кое навистина ќе ги деблокира клучните процеси за нас, изјави Иванов.

На средбата во Јасен, иако поканет, не присуствуваше лидерот на ДПА Мендух Тачи.

Автор: ЕМФ/ЖА/миа

Редактор: Жана Ацеска