1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара воздржаност од Турција

12 октомври 2007

Владата во Анкара бара согласност од парламентот за навлегување на ирачка територија. Предупредувања од САД и ЕУ до Турција да не презема воени акции на ирачка територија.

https://p.dw.com/p/BqPP
Турскиот премиер Реџеп Таип ЕрдоанФотографија: AP

Турција им префрлува на САД дека преземаат премалку против курдските напади врз турската армија. По зачестените напади на курдските бунтовници против турската армија, при што загинаа повеќемина војници, премиерот Реџеп Таип Ердоан, според очекувањата на јавноста, најави “остро постапување со терористите”. Се очекува во текот на наредната недела парламентот на барање од владата да решава за давање одобрување за голема воена офанзива против курдските сепаратисти, кои имаат засолништа на ирачка територија.

ЕУ и САД ги критикуваа таквите планови и побараа воздржаност од Турција. Претставникот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана оцени дека не се добредојдени никакви потези што натамошно би ја компликувале безбедносната ситуација во Ирак.

Заменик-претседателот на фракцијата на социјалистите во европарламентот Јан Маринус Виерсма предупреди на можните консеквенции: “Доколку дојде до турска операција на ирачка почвабез согласност на ирачката влада, сигурен сум дека тоа бви предизвикало голема криза – не само во политичките односи меѓу ЕУ и Турција, туку и во преговоритеза пристап на таа земја кон Унијата”. Шефот на фракцијата на либералите Греем Вотсон укажа: “Во меѓувреме има доволно луѓе внатре во Унијата кои само чекаат на тоа да бидат прекинати преговорите со Турција. Сметам дека е штета ако Турција направи нешто, што би било во смисла на оние кои не сакаат да ја видат Турција во ЕУ”.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, демохристијанот Рупрехт Поленц, смета дека курдскиот конфликт не може да биде решен само со воени средства, но побара и од ирачката влада да преземе мерки против Курдската работничка партија – ПКК: "Ирачката влада и надлежните власти за северен Ирак се одговорни да се погрижат за тоа од ирачка територија да не произлегуваат безбедносни ризици за соседните земји”.

Членот на таа Комисија, социјалдемократката Ута Цапф, експерт за турско-курдската проблематика, предупреди дека навлегување на турската армија на нивната автономна територија би предизвикало решителен отпор на ирачките Курди. Таа смета и дека тоа би претставувало повреда на меѓународното право, иако досега молчешкум беа толерирани прогони на припадници на ПКК од страна од турската армија на ирачка територија. “Но, овде, според најавите, очигледно станува збор за дозвола на армијата за преземање поголема офанзивна акција против бази на ПКК. Тоа го сметам за фатално оти на никаков начин не би имало меѓународно-правно покритие” – вели Цапф.

Копретседателот на германските Зелени Клаудија Рот смета дека дестабилизаџија на ирачкиот север, досега најстабилниот дел на земјата, не е од интерес за Турција. Но, таа има разбирање за жестоките реакции во Турција на се’ почестите напади од ПКК: “Очекувам ПКК конечно да го положи оружјето и дефинитивно да сфати дека со бомби не може да се воспостави политичка перспектива”.

Баха Гингер