090810 Nagasaki Gedenken
9 август 2010Три дена по Хирошима и во Нагасаки беше одбележана 65 годишнината од фрлањето на американската атомска бомба. Во точно 11 часот и 2 минути по јапонско време присутните на церемонијата со минута молчење им оддадоа почит на жртвите. Тоа е точното време во кое на 9 август 1945 година американската нуклеарна бомба наречена „Дебелиот“ експлодираше над градот. 74 илјади луѓе ги загубија животите во експлозијата и подоцнежните последици од неа.
Јапонскиот премиер Наото Кан денеска истакна дека неговата земја е одлучна во ставот да не располага со нуклеарното оружје и стои на чело на напорите за свет без нуклеарно оружје.
За разлика од церемонијата во Хирошима пред три дена кога за првпат во историјата на ваквите комеморации присуствуваше и американска делегација, во Нагасаки немаше претставник на САД.
Инаку по атомските напади врз Хирошима и Нагасаки во кои загинаа стотици илјади луѓе на 15 август 1945 година Јапонија објавува безусловна капитулација. Со тоа заврши и Втората светска војна, но светот се соочи со катаклизмичката моќ на нуклеарното вооружување, а подоцна и со трката за атомска надмоќ во светот.
Автор: СН/ АТ/ дв
Редактор: Алексанра Трајковска