1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сеќавање на жртвите на десноекстремистичкото насилство

23 февруари 2012

Три месеци по откривањето на неонацистичката група која извршила серија убиства, Германија денеска им оддава почит на жртвите на десноекстремистичкото насилство. Ова е еден од чекорите за справување со расизмот.

https://p.dw.com/p/147xV
Фотографија: dapd

Досега во Германија немало манифестација од вакви размери. Околу 1200 луѓе се очекува да учествуваат на комеморативната церемонија во Берлинската концертна куќа на која ќе им биде одадена последна почит на луѓето убиени од страна на неонацистичката група од градот Цвикау меѓу 2000 и 2007 година. Осум од десетте жртви имаат турски корени, една жртва пак грчки. Меѓу убиените е и една службеничка на германската полиција. Повиците за централна комеморативна церемонија беа гласни веднаш по откривањето на серијата убиства.

Шокот во Германија и натаму е длабок, бидејќи и покрај бројните индиции службите за безбедност во злосторствата не препознале десно-екстремистички мотиви па дури постоеле сомневања дека злосторниците се дел од културното и општествено милје на жртвите. За очигледното потфрлање на државата во овој случај, политиката веќе се извини јавно.

Dresden Gedenken Zweiter Weltkrieg Bombenangriffe
Фотографија: AP

Покрај тоа беа преземени бројни мерки за да им се помогне на роднините на жртвите, за да се разоткријат причините и заднината на десниот екстремизам и за да се подобрат безбедносните структури. Германскиот Бундестаг во ноември кога стана познато дека неонацистичката група од градот Цвикау стои зад серијата од десет убиства ширум земјата изрази сочувство и загриженост поради убиствата.

„Ние се срамиме дека безбедносните служби не биле во состојба да ги откријат и спречат криминалните акти планирани и извршувани неколку години“, истакна тогаш претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт.

Германскиот претседател Кристијан Вулф, кој неодамна поднесе оставка, во ноември веднаш оствари средба со роднините на жртвите и сите политички партии во Германија изразија сочуство и засраменост од суровите злосторства со неонацистичка заснина.

Во декември беше отворен сојузен центар на борбата против десниот екстремизам, во кој своите активности ги координираат полициите и контраразузнувачките служби од сите 16 германски покраини како и припадниците на Сојузната служба за заштита на уставот.

Истотака парламентарни истражни комисии и една комисија составена од претставници на сојузните и на покраинските власти се занимаваат со причините и одговорноста за долги години неоткриената терористичка група која себеси се нарекувала „Националсоцијалистичко подземје“.

Deutschland Terror Neue Durchsuchungen gegen mutmaßliche Nazi-Terrorhelfer Kombo
Oсомничената терористичка група која себеси се нарекувала „Националсоцијалистичко подземје“Фотографија: picture-alliance/dpa

И три месеци по откривањето на серијата убиства многу работи остануваат неразјаснети. Меѓутоа забрзано се преземаат чекори за успешно справање со десниот екстремизам во иднина, а денешната комеморативна церемонија во Берлин е можеби еден од најважните.

На неа ќе биде присутен речиси целиот државен врв на Германија, пратениците во Бундестагот, покраинските премиери и роднини на жртвите. Говор, наместо претседателот Кристијан Вулф кој поднесе оставка, треба да одржи канцеларката Ангела Меркел. Ќе зборуваат и две ќерки на жртви на десноекстремистичко насилство. Истовремено, со минута молчење ширум земјата ќе им биде оддадена почест на деветтемина мигранти и службеничката на полицијата.

Автор: Марсел Фирстенау/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска