1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сеќавања на расистичките подметнувања пожар во Мелн

Клара Валтер/ Александра Трајковска 23 ноември 2012

Пред дваесет години неонацисти подметнаа пожар во Мелн. Сторителите беа осудени. Но политичарот од Зелените Штребеле критикува дека државата оттогаш недоволно се занимавала со десниот екстремизам.

https://p.dw.com/p/16oZb
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Денеска сте трети или четврти за кои давам интервју“, вели градоначлникот на градот Мелн, Јан Вигелс помалку изнервиран. „Секоја година новинарски караван минува низ нашиот град, и дига еден куп прашина“.

Да се дига прашина. Тоа значи да се потсети на случката која во главите на повеќето Германци е неделливо врзана за градот Мелн: расистички мотивирано подметнување на пожар, напад во кој животот го загубија три лица.

Нападот се случи ноќта кон 23. ноември 1992 година: Двајцата неонацисти Ларс Ц. (тогаш 19 години) и Михаел П. (тогаш 25 години) со молотови коктели нападнаа два станбени објекти во кои живееја Турци. Во првиот беа тешко повредени девет луѓе. Во вториот станбен објект беа убиени двете девојчиња Елиз Арслан (10 години) и Ајше Јилмас (14 години) како и нивната баба Бахиде Арслан (51 година).

Нападот ја потресе Германија

Убиствениот напад во Мелн не беше локален настан. Нападот ги потресе луѓето во цела Германија. Како реакција врз десното насилство илјадници луѓе излегоа на улица, јавно се дистанцираа од расизам и ксенофобија. Истовремено се заостри дебата околу германското право за азил. Ханс Кристијан Штребеле од редовите на партијата на Зелените за ДВ вели дека за случувањата во Мелн соодговорна е и политиката. Имено и сериозни политичари тогаш со „неодговорни изјави“ подбуцнувале против странците и барателите на азил. Нивната политичка цел била, да се смени основното право за азил за да се намали бројот на барателите на азил.

Deutschland Brandanschlag in Mölln Demonstration 1992
Граѓаните демонстрираа против нападите од Мелн (Хамбург 1992)Фотографија: picture-alliance/dpa

Нападот во Мелн беше првиот ксенофобичен напад во обединета Германија, при кој загинаа луѓе. Половина година подоцна следуваше нападот во Солинген. Во пожарот што го подметнаа неонацисти тогаш загинаа пет лица со турско потекло.

Пропусти

Во тој период сторителите од Мелн веќе беа пред суд. Процесот траеше 47 денови, по што Ларс Ц. беше осуден на 10 години затворска казна, според казненото право за млади лица. Михаел П. доби доживотна казна затвор. Политичарот од Зелените и адвокат Ханс Кристијан Штребеле во процесот ја застапуваше сотужбата. Денес забележува дека тогашните структури на деничарско насилство не биле сериозно испитани: „Службата за заштита на уставот само неколку години по подметнантите пожари дојде до сознанието, дека во Германија нема десничарски терор. Јас денес велам: очигледно не требало да има. Имено тој уште тогаш беше присутен, но не му се придаде потребното значење како проблем“. Истите обвинувања денес се слушаат и за работата на органите за расветлување на делата на десната терористичка ќелија НСУ.

Требаше ли навистина уште во 90- тите години да се препознае дека десниот тероризам во Германија е можен? Требаше ли лицата, кои тогаш беа активни на десната сцена и денес се појавуваат во истражните акти за „терористичката ќелија од Цвикау“, рано да бидат надгледувани? Ханс Криситјан Штребеле смета дека државата во овој поглед направила пропусти.

Да се гледа во иднината

Градот Мелн и неговиот градоначалник Јан Вигелс по подметнатиот пожар почнаа да делуваат: на улица се сензибилизираа младите за опасноста од десното насилство. Пожарот редовно се обработува преку училишни проекти. Граѓанската иницијатива „Да живееме заедно“ со заедницата од џамијата организира интеркултурни манифестации „Согледуваме дека наша задача не е само да гледаме на минатото, туку и на иднината“, појаснува градоначалникот Вигелс. 20-годишнината од нападот сепак ќе се одбележи со пригодна манифестација.

Bürgermeister von Mölln Jan Wiegels
Градоначалникот на Мелн Јан ВигелсФотографија: picture-alliance/dpa

И покрај страшното дело од 1992. година и сите напори за разбирање и толеранција, десната сцена во регионот не е целосно исчезната. Во 2008. година еден претставник на НПД си обезбеди место како народен претставник во комуналната власт. Во пресрет на годишнината пак непознати лица провоцираа во Мелн испишувајќи десничарски пароли по голем број куќи.