Серија бомбашки напади во Каиро
24 јануари 2014Во три експлозии и напад врз главниот штаб на полицијата во центарот на Каиро денеска (24.01) загинале најмалку пет лица, а единаесет се ранети, соопшти египетската телевизија. Нападот врз силно обезбедуваното седиште на полицијата се случил рано утрото. Атентатор самоубиец се разнесол во автомобил на паркиралиштето пред комплексот згради, при што загинале најмалку четири луѓе, а над 50 биле ранети. Фасадата на зградата во центарот на градот е видно оштетена, а на улицата пред објектот има голем кратер.
Најмалку едно лице загинало пак кога примитивна експлозивна направа била фрлена врз полициско возило во близина на метро станица во квартот Доки, изјавил началникот на безбедносните сили Махмуд Фарук за државната телевизија.
Во квартот Талибија, исто така, експлодирала импровизирана бомба во близина на полициска станица. Нападот е извршен пред утрешната годишнина од востанието што доведе до симнување од власт на претседателот Хосни Мубарак во 2011. година.
Муслиманско братство најави за денеска масовни протести во целата држава. Исламистичката организација победи на првите слободни избори по падот на Мубарак. Но војската го собори претседателот Мохамед Мурси, во јули минатата година. Оттогаш постојано доаѓа до насилни судири при демонстрациите на приврзениците на Муслиманското братство, а чести се и напади врз полицајци и припадници на безбедносните сили.