Arctic Sea
18 август 2009На крајот значи сепак товарниот брод „Арктичко море“ бил жртва на пиратски напад. Како што пренесоа руските агенции, ова денеска го изјави рускиот министер за одбрана Анатоли Сердјуков. На бродот биле уапсени осум лица, двајца Естонци, двајца Летонци и двајца Руси. Под изговор дека нивниот брод тоне и им треба помош, тие на 24 јули очигледно се доближиле до бродот во шведските води. Пиратите потоа влегле на бродот и со вооружени закани им наредиле на морнарите да ги следат нивните наредби. Сите навигациски и останати бродски апарати морале веднаш да бидат исклучени и затоа досега не можел да се воспостави контакт со бродот, се` додека не морал да го помине Ла Манш.
Што сакале пиратите од „Арктичко море“?
Познато беше дека бродот бил нападнат во Балтичкото море. Посадата го пријави овој напад преку радиски сингал. Наводно вооружени, маскирани лица, кои се претставиле како шведски полицајци од единицата за борба против дрогата, стигнале на бродот, но потоа повторно го напуштиле. Меѓутоа очигледно било нешто друго во прашање. Зошто шведските власти, кои во меѓувреме демантираат дека испратиле полициска контрола на бродот, не провериле веднаш дали е се` во ред - останува нејасно. Не е јасно ниту што сакале пиратите. Кауцијата за бродот што стигна до финската бродска компанија, во чија сопственост е „Арктичко море“, изнесуваше само 1.5 милиони долари, што за вакви случаи се проценува како премногу ниска. Можно е дури да не била поставена од пиратите. Според британски извори, бродот станал предмет на несогласувања меѓу неговите сопственици.
Детаљите остануваат нејасни
Откако „Арктичко море“ беше пронајден вечерта кон понеделникот пред островите Кап Верде, а петнаесетчлениот екипаж беше пренесен на руската фрегата „Ладњиј“, тој веќе не беше под вооружена закана, истакна рускиот министер за одбрана. Само еден ден подоцна дојде следнава изјава:
„Сите членови на екипажот се живи и здрави. Немаше никакви вооружени закани. Пренесени се на руски брод, а истрагата продолжува“, изјави Сердјуков денеска, додавајќи дека при акцијата за ослободување не е испукан ниту еден куршум.
Детаљи од акцијата остануваат нејасни - како на пример како им успеало да ги совладаат вооружените пирати.
Автор: Естер Хартбрихт / Трајче Тосев
Редактор: Жана Ацеска